Промовирана аудио книга „Народни приказни на балканските народи“ (ФОТО)
Нова аудио книга од денеска им е достапна на слепите лица во Велес. Неколкумина ентузијасти со голема љубов и желба да им помогнат, ја создадоа аудио книгата со наслов „Народни приказни на балканските народи“. Книгата е заеднички проект на Здружението на слепи лица и локалната библиотека „Гоце Делчев“.
„Книгата претставува меч со кој слепите лица ќе се борат за рамноправност и наобразба во општеството. Затоа се потрудивме доброволно да направиме една аудио книга која ќе им го олесни читањето на слепита лица, рече секретарот на Здружение на слепи лица Велес, Тони Пајдаков.
Првата аудио книга на македонски јазик ќе им биде достапна на сите граѓани со посебни потреби. Освен во Здружението ќе можат да ја набават и во локалната библиотека која се стреми да обезбеди што поголем број на вакви книги.
„При нашето истражување со другите библиотеки во земјава утврдивме дека аудио книгите се светски тренд и на еден начин на луѓето им овозможуваат повторно да се навратат на книгата и читањето. Овој вид на книги се порелаксиран облик на читање кое можете да го практикувате секаде и додека пешачите или патувате,“ рече директорот на локална библиотека „Гоце Делчев“, Игор Крајчев.
Ова е прва аудио книга на Здружението и локалната библиотека, но не и во брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“. Таа нема да биде последна затоа што Здружението и библиотеката најавија подготовка на уште деветнаесет.
Фондот на аудио книги во Македонија неодамна беше збогатен со збирка од четириесетина аудио книги./Д.С