Велешани се пријавија за кастингот на филмот „Ослободувањето на Скопје“
Од седум до седумдесет и седум, фоајето на театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот во старата зграда, беше преполно со граѓани кои дојдоа да се пријават на кастингот за статисти за најновиот филм „Ослободувањето на Скопје“ на Раде Шербеџија. Ги пополнија формуларите и потоа се фотографираа, сите со надеж дека ќе бидат дел од авантурата наречена филм. Малолетните кандидати за статисти беа во придружба на своите родители оти такви се правилата за кастинг.
„Јас сакам да бидам статист и да учествувам на снимањето на филмот бидејќи е многу интересно и возбудливо.“
„Се пријавив оти сакам кога ќе пораснам да станам актерка. Сега одам во драмска секција и мислам дека ова искуство ќе ми значи многу во иднина кога ќе студирам на факултетот за драмски уметности, “рекоа кандидати за статисти.
На кастингот не изостанаа ниту возрасните со авантуристички дух. И тие сакаат да бидат дел од снимањето на филмот „Ослободувањето на Скопје“. Велат ова ќе биде големо искуство за нив на кое ќе се сеќаваат до крајот на животот.
„Отсекогаш сум сакал да глумам во некој филм, па макар и како статист. Интересно е и возбудливо, а на крајот на краиштата и ќе заработам некој денар.“
„Ова нема да ми е пртв пат да бидам статист во некој филм. Пред многу години исто така бев статист во филмот што се снимаше тука во Велес на режисерот Светозар Ристевски. Беше навистина несекојдневно и затоа одлучив повторно да се пријавам и да бидам статист“, рекоа граѓани.
Инаку, снимањето на фолмот на Шерфбеџија во Велес започнува на 31 октомври. Сцените ќе се снимаат во близина на Стар Мост. При посетата на режисерот на Велес Шербеџија најави дека во Велес ќе се снима десетина дена, а потоа снимањето на филмот продолжува во Битола./Д.С