Промоција на книгата на новинарот и публицист Никифор Смилевски „На Којник дуќан да имам“
„На којник дуќан да имам“ е насловот на новата книга на велешанецот Никифор Смилевски. Авторот во книгата објаснува како настанале најпознатите велешки староградски песни, кои се главните ликови во нив и што ги инспирирало граѓаните за нив да напишат стихови. За да се напише книгата потребно е многу работа на терен, истражувања, разговори со граѓани и евиденција на нивните сеќавања, вели авторот.
„ Кога пишуваш роман ти ги измислуваш ликовите а кога зборуваш за личности кои постоеле најтешко е да се пронајдат граѓани кои ќе ти раскажат поединости од животот на опеаната личност. Ако за пример ја земам песната „ Елено ќерко“ јас собрав материјали од дваесет луѓе,“ рече Смилевски.
Промоторот на книгата „На Којник дуќан да имам“ , Марко Китевски, вели дека таа е интересна и за младите и за возрасните граѓани. Издадена е во тираж од 500 примероци и набрзо ќе биде достапна во книжарниците во Велес.
„Оваа книга ќе биде особено интересна за најмладите затоа што авторот во неа опишува ликови и судбини на граѓани од историјата на градот Велес“, рече Китевски.
Книгата „На Којник дуќан да имам“ е осма во творечкиот опус на новинарот и публицист Никифор Смилевски. Преставува продолжение на неговата претходна книга „Песната и коренот“ и во неа можат да се прочитаат три интересни раскази за французинката Мадлен и нејзиното пријателство со Гемиџиите, за горанката Џемиле и за други личности./Д.С