Иван Николовски Танго – човекот со големо срце
Еден од големиот дејци, што со своите дела остави неизбришиви и длабоки траги во историјата на Велес, секако е Иван Николов Танго, борец за слобода и учител во музичкото училиште „Киро Димов“. Скромниот и музички надарен велешанец е автор на маршот на Осмата народноослободителна бригада. Повозрасните велешани се сеќааваат на звуците на композицијата со која повеќе од четири децении Радио Велес ја почнуваше и завршуваше својата програма. Помладите ќе дознаат токму од пишувањата на хроничарите и раскажувањето на луѓето што го познаваа или беа соборци исто како Иван Николов.
За вториве Танго беше тивок човек и голем самоук музичар кој маршот го создаде во 1944 година врз стиховите на познатиот велешанец Јордан Леов. Тој беше добродушен човек и извонреден педагог велеа неговите ученици кои токму од него ги научија вештините на друвачките инструменти. На неговиот лик и дело најповеќе се сеќаваат неговите соборци.
„Лично го познавав, беше најсреќниот човек кога слушаше како соборците ги пеат стиховите од неговата творба додека одеа или се враќаа од борбените дејства. Тоа често ги предизвикуваше солзите во неговите очи. Јас се гордеам што го познавав човекот со големо срце и не сум единствен велешанец што така мисли,“ вели првоборецот Ристо Давчев.
За времето кога се донела одлуката познатиот марш да ја најавува и одјавува програмата на локалната радиостаница во една пригода директорот Велко Спасов на тогашните новинари им рече дека „при изборот на музиката токму оваа творба првa ни легна на уво“.
„Без збор тогашните раководители ни го прифатија предлогот со маршот на Иван Николов да ја започнуваме и завршуваме радио програмата“, рече Спасов.
Музичкиот деец, роден на 12 јуни 1915 година во сиромашно семејство во месноста Дворови и тоа во екот на Првата светска војна, уште како дете свирел на шупелка. Го слушале другарите седејќи на брегот на реката Вардар. Подоцна како ученик во велешката гимназија свирел на мандолина и учел кај Ангел Салџиев и кај Васил Хаџиманов. Од сеќавањата на народниот херој Димче Мирчев, другар на Иван, авторот Перо Коробар за Танго напиша:
„Неизмерна радост завладуваше кога Иван ќе ја извадеше шупелката од џебот и кога ќе почнеше да свири лирски песни. Тогаш и синозелените очи му светеа на заобленото лице. Дома, во приквечерието ,застанат кај прозорецот, свиреше занесено длабоко во ноќта па така заедно со цврчењето на штурците ја разубавуваше тивката идилична ноќ. Набргу потоа Иван го добива прекарот Танго“.
Животот пат го однел Танго до Военото училиште во Вршац, Србија каде учел да свири на флејта. Образованието го прекинал и се вратил дома за да се посвети на сосема нови стремежи. Како член на монополскиот оркестар на Урсовиот синдикат во 1937 година ќе одржи концерт на кој ќе учествуваат млади монополски и занаетчиски работници. Властите не му дозволиле долго да музицира и твори бидејќи го укинале синдикатот, а со него и оркестарот. Тогаш Иван творечки ќе се реализира во монополскиот камерен оркестар, преку изведби на творби и фрагменти од класичната музика. На почетокот од 1941 година тој раководел и со дувачкиот оркестар на ложилницата, денеска раскажува неговиот внук Миланчо Миров.
„Две години подоцна дедо ми Танго во Велес работел како подофицер , музичар. Бил распореден во 56-тиот пешадиски полк на бугарските окупаторски сили. Меѓутоа, активно се вклучува и во работата во заднината на НОВ заедно со истакнати револуционери. Тој на 30 август 1944 година заминува во партизани и активно е вклучен во бригадниот Аги проп каде што го компонира маршот на Осмата велешка ударна бригада на текст на Јордан Леов. На сопствен текст го компонира и маршот „Партизанска искра“, рече Миров.
Тој проучувајќи го целиот животен пат на деда си ги издвои најзначајните моменти. По ослободувањето на Македонија од бугарскиот и германскиот окупатор Иван Николовски се враќа во Велес на должност капелник на воената музика. Штом е формирано музичкото училиште во Велес, Танго, бил вработен како наставник по музика и предава дувачки инструменти. Во 1947-1948 година станал редактор во Радио Скопје за потоа да работи како капелник во народната милиција и наставник во осмолетка во Валандово.
„Мојот дедо покрај двата марша е автор и на творбите „Вечерна бура“, „Напред Македонци“, „Оплакување“, „Фронтовка“, „Вечен мир“, „Тага“ и други. Тој остави и поголем број необјавени народни песни од кои најпознати, како што се сеќавам беа „Китка ми падна“, „Јас те пратив Калино“, а ја напиша и увертирата „Јаничари“. Имаше и други кои за жал веќе не постојат. Мојот дедо имаше големо срце во кое имаше место за сите што ја сакаа музиката и што од него учеа,“ рече Миланчо.
Тој се присети и на бројни лични семејни моменти кога заедно со уште тројцата внуци Иван, Катерина и Анѓелче, од двете ќерки Пандорка и Румена, ги споделувале со деда си. Не изостави да каже дека многу велешани со Танго знаеле да уживаат на брегот на реката Вардар кога тој ловел риба./С.А