„Цветен пазар“, нова книга на афористичарот Крлевски
Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје објави книга со афоризми „Цветен пазар“ на македонскиот афористичар Атанас Крлевски, која содржи близу 400 афоризми посветени на жената. Поделени во два циклуса: „Една жена – цвет, две жени – букет, три жени – цветен пазар!“ и „Бракот е последната глупост на ергенлакот“, а на крајот се објавени осврти за афоризмите на Крлевски од Ана Витанова Рингачева, Душко Кралевски и Сашо Бетоски.
„Жената, љубовта и бракот се трите жаришта врз кои тлеат и искрат афоризмите на Крлевски. Во творечкиот опит на Крлевски трите жаришта се само три распрснати искри од еден пламен. И во претходните свои книжевни остварувања, авт¬орот не ја заобиколуваше жената, напротив таа беше неодминлива инспирација за препознат¬ли¬ви¬те крлевизми, единствени, оригинални и уме¬ре¬ни. Луцидно, со внимателно одбрани зборови, жената се внесува како метафора, но истовреме¬но таа е и муза на творечкото око на авторот: Постојат жени што лесно се сакаат, но до нив тешко се стигнува,“ пишува Витанова Рингачева во поговорот.
„Крлук“ е четврта книга со афоризми на Атанас Крлевски. Претходно ги објавил „Крлевизми“, „Окрлавени мисли“ и „Крлук“.
Крлевски е роден во 1956 година во Ташкент, Узбекистан. Живее и работи во Велес. Афоризми пишува три и пол децении, автор е на многу антологиски афоризми, наградуван е во земјата и во странство и е застапуван во меѓународни антологии.
Објавувал во „Остен“, „Студентски збор“, „Млад борец“, „Македонски остен“, а денес соработува во повеќе печатени и електронски сатирични списанија и портали во земјата и во странство. Меѓу другото, застапен е во неколку антологии со афоризми објавени во земјата и во странство. Член е на балканското здружение на афористичари. Добитник е на неколку награди за афоризми.