„Спанаќ со пржени компири“ премиерно во велешки театар
„Спанаќ со пржени компири“ е насловот на најновата театарска претстава што утревечер премиерно ќе биде прикажана пред велешката публика. Работена е според текст на унгарскиот драмски автор Золтан Егреши во режија на Ненад Витанов.
Претставата е современа комедија со одредени мелодрамски моменти и ги третира современите проблеми на обичниот човек. Таа ги опишува проблемите со кои се соочуваат тројца фудбалски судии за време на еден натпревар. Иако на прв поглед темата на претставата е фудбалот, режисерот Витанов вели дека тоа е страста спрема животот.
„Тоа е страста кон спротивниот пол, љубовта и воопшто кон се што го сочинува животот, разочарувањето подемите и падовите во секој живот. Овде имаме тројца фудбалски судии, тројца ликови секој на свој начин различен и секој со своја длабока емотивна потресна приказна која е раскажана на маестрален начин од самиот автор и нашите актери кои секој со своето залагање направија карактери кои ќе одбележат добар дел од нивната кариера и мислам дека публиката долго ќе ужива во оваа претстава, рече Витанов.
Ликовите на тројцата фудбалски судии ги играат актерите Фаик Мефаиловски, Жарко Спасовски и гостинот актер од штипски театар Владимир Тулиев.
„Претстава за современи луѓе на која верувам дека многумина ќе се препознаат. Кога го читавме текстот се смеевме но подоцна и не беше баш смешно бидејќи има една приказна во позадина која се покажува. Мислам дека има што да и покажеме на велешката публика од она што сите тројца го носиме во себе еве веќе месец и половина, рече актерот Владимир Тулиев.
За актерот Мефаиловски ликот што го толкува претставува голем предизвик бидејќи е сосема спротивен од неговиот лик во приватниот живот. Актерот Спасовски пак ја игра љубовта во претставата и верува дека постојат луѓе кои ги заслепува љубовта и е единствената водилка во нивниот живот.
Премиерно претставата „Спанаќ со пржени компири“ ќе се одигра во среда со почеток во 20 часот.
Инаку во велешкиот театар се подготвува уште една премиера. Претставата „Кралот Иби“ велешани ќе имаат можност да ја гледаат во втората недела на мај./Д.С.