Со познати арии и композитори, пред велешани, ќе настапат студенти на Академијата за музички уметности од Скопје
Млади музички надежи, студенти на Академијата за музички уметност, ќе одржат концерт и во Велес. Шестмината соло пејачите на сцената на велешки театар ќе изведат познати оперски арии во придружба на инструменталисти. Меѓу нив ќе настапи и велешанката Вариса Хајдарпашиќ како и гостинката од Словенија, сопранот Амина Башиќ. Настап на сцената да ги видат и децата од Здружението на лица со церебрална парализа кои подготвија специјална музичка точка. Ова е програма која досега имаа можност да ја проследат љубителите на музичката уметност од Скопје, Струмица, Гевгелија и Куманово, а мини турнејата завршува во Велес.
„Концертот има хуманитарен карактер, насловен е „вечер на оперски арии“ и во Велес ќе се одржи на 4 мај со почеток на 19 часот, на сцената на велешкиот театар. Влезницата има симболична цена од 150 денари. Се надеваме дека ќе предизвика внимание кај поголем број на граѓани. Освен дечињата од здружението вечерта ќе настапат и децата од балетското студио „Црни мачиња“. Овој настан има поддршка од општина Велес и манифестацијата „Велес град на култура 2015 година“, рече Кети Мавропу од агенцијата Про арт маркетинг од Скопје.
Средствата од продадените влезници ќе му бидат подарени на Здружението на лица со церебрална парализа а како што рече претседателката на Здружението Далиборка Златева тие пари заедно со одобрените 90 илјади денари од буџетот на општината ќе се искористат за организирано летување на децата од здружението.
„Бидејќи сега немаме можност за летување во Црна Гора овие средства ќе ги искористиме за да им организираме летување на децата. Се разбира ќе партиципираат пари и нивните родители, за да можеме да ги однесеме некаде на седумдневен или десет дневен одмор за да се рекреираат и рехабилитираат , рече Златева.
Организаторот на концертот и од Здружението очекуваат дека ќе бидат продадени сите триста влезници со цел велешани да ја потврдат својата хуманост и да им помогнат на децата и годинава да заминат на одмор./У.Ј