Спектакуларен настап на членовите на Драгон Кунг Фу современата кинеска танцова компанија во Велес
Единаесетмината танчери со своите танцови способности, дисциплина и синхронизираност и приредија незаборавно доживување на велешката публика која континуирано ги бодреше и подржуваше со силни овации и аплаузи. Со возбудливи акробации и традиционални боречки вештини изразени преку танцот кинеските момчиња ја интерпретираа традиционалната култура и современата уметност во нивната земја. Со настапот на танчерите од Кина вчеравечер на сцената на велешкиот театар заврши единаесетото издание на Танц Фест во Македонија.
„Силните овации и аплаузи на публиката покажаа дека ова што вечерва го видовме на сцената заслужува најголем респект. Станува збор за професионална танцова компанија која верувајте не беше лесно да се донесе на фестивалот. Инаку Танц фестот има огромен придонес за развојот на современата танцова македонска сцена и воедно нас на некој начин не пласира надвор, рече директорката на фестивалот,Рисима Рисимкин.
„Видовме еден ексклузивен настан кој многу ме радува што се случи овде во Велес. Современиот модерен танц е еден од приоритетите на министерството за култура и Танц фест се етаблираше како висока културна манифестација која успеа да донесе светски ансамбли во делот на модерниот танц и мислам дека за сите посетите вечерва ова беше еден ексклузивен настан“, рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Енергијата и вложениот труд во танцовите точки кои беа празник за очи и душа се достојни за почит. Велешката публика ги награди онака како што таа знае и умее и уште еднаш потврди дека ги препознава и ужива во вистинските уметнички вредности.
Вчерашниот танцов перформанс на брилијантните танчери на кинескиот ансамбл беше дел од манифестацијата „Велес град на културата 2015“./Д.С