„Добрата надеж“- премиера на велешки театар
„Добрата надеж“ е насловот на најновата премиера на велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот, од авторот Херман Хеијерманс, во режија на Александар Ивановски. Станува збор за приказна за едно рибарско село и за односите меѓу сиромашните рибари и богатите бродосопственици. Во претставата се отсликува животот на оние кои што работат и нивните работодавачи како и големите класни разлики помеѓу нив.
„За мене како режисер немаше подобро место од Велес да го отвориме тоа прашање. За мене тој секогаш беше бастион на работничката класа , град во кој што таа класа беше доминатна и водечка и пред се прогресивна. И одсекогаш сакав да се обратам на тој сегмент од Велес, на тој крах од сите тие транзиции и приватизации, со сето губење на силата, на потентноста на градот, на неговата прогресивност. Сега Велес гради некоја своја приказна која уште не е изградена, нема свој идентитет како што го имаше претходно. Во целиот овој процес на ум ги имав сите тие работи што му се случија на градот, дијалозите меѓу оние што имаа работа, што ја губеа итн. и оние кои ги делеа и ги менаџираа тие процеси“, рече режисерот Ивановски.
Улогите во претставата ги толкуваат речиси сите актери на театар Џинот, од постарата и помладата генерација. За прв пат во неа ќе се појави и младата, сеуште недипломирана актерка Румена Шопова.
„Уште при првата прочитка на овој текст се заљубив во ликот што треба да го играм. Ликот на мајката што го толкувам, Книртје, може да се спореди со било кој друг лик од Велес. Оваа наша сурова реалност во која што морате да преживеете со многу малку пари, каде што вашиот труд на пазарот не вреди ништо, каде што се обидувате за парче месо да правите компромиси цело време“, рече актерката Слободанка Чичевска.
„Мојот лик е направен од два лика Тоа е лик кој малку ги забавува другите со целата трагедија која што ја носи во себе . Тука всушност треба да се види актерското мајсторство и искуство што го собирал со години и што може да го покаже и да си го потврди“, рече актерката Весна Димитровска Бобевски.
Драматург на претставата е Сашо Димоски, сценографијата на Филип Коруновски. Задолжена за костимите е костимографката Катерина Чукниева, а автор на музиката е Сашко Костов.
Театарската претстава „Добрата надеж“ велешани ќе можат да ја проследат вечерва на нејзината генерална проба. Инаку премиерно ќе биде прикажана на десетти овој месец. Претставата ќе се одигра и два дена потоа, на 12 септември.
Даниела Саздова