Викенд на францускиот филм во Велес
Иако жанровски и припаѓа на комедијата, францускиот филм „Семејството Белие“ на режисерот Ерик Лартиго во кој главните улоги ги толкуваат француските актери Луан Емера и Карин Вијар, кај публиката на синоќешната проекција во Велес предизвика многу емоции, солзи и воздишки. Таа, се чини дека во еден здив ја одгледа динамичната филмска приказна за глувонемото фармерско семејство во Франција, чиј главен стожер е нивната ќерка средношколка, неоткриен музички талент пред кој вратите ги отвори признат париски конзерваториум. И покрај повеќе колебања, музички да се образува и да го остави своето семејство во родното село или да продолжи да биде нивниот едиствен по говорор и слух контакт со светот, семејството сепак ја поттикна младата девојка да продолжи да живее меѓу луѓето кои се различни од нив само затоа што слушаат и зборуваат.
Со филмот „Семејството Белие“, синоќа,беа отворени вечерите на француски филм во Велес. Манифестацијата ја отвори директорката на Францускиот институт во Скопје и советничка за култура при Француската амбасада во Македонија, Изабел Марки Барбо.
– Овој фестивал придонесе за ширење на интересот за француската кинематографија во Македонија, а по Скопје решивме со дел од проекциите да го пренесеме и во Велес затоа што имаме прекрасна соработка со општина Велес, со Театарот во Велес на кои им се заблагодарувам. По десет години од почетокот на оваа културна и филмска манифестација можам да соопштам дека постигната е целта за поголем интерес на македонската публика за француската кинематографија, позната во светот па и тука. Воедно, втората цел е да дојде до поголема соработка на француската со македонската кинематографија која е квалитетна кинематографија. Затоа сакаме да дојде до македонско – француски копродукции, рече Марки Барбо.
Таа најави дека вгодина во Велес фестивалот ќе обезбеди поголем број на француски филмски остварувања како и гостувања на млади француски актери и режисери.
– Оваа манифестација е потврда на сите наши досегашни залагања да ја зајакнеме нашата билатерална соработка со Франција и да ја промовираме Франкофонијата како културна традиција на нашиот народ. Ова е убава можност да одвоиме час и половина време од сите наши обврски и да уживаме во убавината на филмот, рече Елизабета Јовчевска, секретар на општина Велес.
И вечерва, сабота 17 јуни, со почеток во 20 часот, љубителите на филмската можност ќе можат да присуствуваат на проекцијата на францускиот филм „Човекот што многу го сакаа“ на Андре Тешине со Гијом Кане, Катрин Денев и Адел Енел во главните улоги. Станува збор за трилер поточно филмско остварување кое било во официјалната селекција на Канскиот фестивал во периодот 2010-2014 година.
Третиот француски филм кој е дел од програмата на фестивалот во Кан е историската драма „Принцезата од Монпасје“ на Бертран Таверние со Мелани Тјери и Ламбер Вилсон во главните улоги. Неа велешани ќе можат да ја гледаат во недела на 18 јуни. Проекциите се прикажуваат во Театрот „Јордан ХК Џинот“ со почеток во 20 часот.
Филмовите се титлувани на македонски јазик. Влезот е бесплатен./У.Ј