Театарски живот: Велес го заслужува театарот бидејќи живее и пулсира со него
28.03.2020
Во деновите кога седиме дома и бараме начин како да го разбиеме сивилото на тмурното секојдневие, посебно е важно да прочитаме нешто убаво, да се потсетиме на убавите мигови на нашето заедничко минато, да погледаме добар филм или драматизација. Сакам да сум постојано позитивен и со своите текстови да потсетам на убавото од историјата, културата и уметноста на Велес. А сета оваа убавина е собрана токму во театарското живеење на градот, во пулсирањето на театарското срце, кое во Велес пулсира заедно во глумците и посетителите на претставите на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов – Џинот.
Театарот денес функционира во новоизграден објект, функционално и материјално опремен по најдобрите стандарди за професионална работа и неоспорно претставува светла точка во културниот живот на Велес, за што сведочат многубројните претстави, проследени од многубројна публика.
Но, да се вратиме многу години наназад и да направиме еден преглед на театарското живеење на Велес, веднаш по Втората световна војна.
Народната власт по Втората световна војна го формирало Културно-уметничкото друштво ,,Кочо Рацин“, во чиј состав се формира и драмска група ,,Коле Неделковски“.
Првата премиера на ова театарска дружина била пиесата на Александар Корнејчук ,,Платон Кречет“, а потоа и ,,Мисијата на мистер Перкинс во земјата на болшевиците“ од истиот автор. Следуваат ,,Власт“ и ,,Покојник“ од Бранислав Нушиќ, па ,,Печалбари“ од Антон Панов. ,,Борците на двата Илиндена“ од Јордан Леов и други. Претставите се одржувани во салата на ,,Киното на Трајко Ѕиката“, односно поранешното кино ,,Вардар“, на левата страна во градот.
Режисер бил Борис Бегинов додека артисти Благомир Панчев, Страхил Карталов, Киро Попов и други. Ова јадро било основа кога во јуни 1948 година бил формиран ансамблот на професионалниот театар во Велес. За прв директор е поставен Борис Бегинов, кој работел и како режисер и актер.
Во првата театарска сезона во 1948/9 година биле поставени пет премиери и тоа: ,,Обичен човек“ и ,, Протекција“ од Нушиќ, ,,Печалбари“ од Антон Панов, ,,Ден за одмор“ од Валентин Катаев, како и ,, Пријателско срце“. На вкупно 63 претстави присуствувале 12.113 гледачи.
Најпосетена претстава била ,,Печалбари“ од Антон Панов, со 27 претстави и 7891 гледачи.
Ристо Стефановски од 1950 година педантно ги бележел податоците за претставите и посетителите. Претставите како ,, Чорбаџи Теодос“ и ,,Бегалка“ од Васил Иљоски, ,,Антица“ од Ристо Крле, ,,Второ Пришествие“ од Петре Прличко, ,,Вистинско и Праветко“ од Никола Солдатов, се потврда дека домашните автори биле широко прифатени и тоа е тренд што постојано ќе се следи.
Веќе во 1952 година се поставени ,,Два плус еден“ од Иљоски, ,,Сиљан Штркот“ од Петре Прличко, работена по мотивите на Марко Цепенков и ,,Сводничка“ од Киро Панов.
Во 1953 година биле поставени ,,Огнена ламња“ од Петре Прличко, ,,Чест“ од Васил Иљоски и ,,Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински.
Петре Прличко е автор на драмскиот текст ,,Голтари“ и воедно режисер, а е изведен 1954 година.
Драмата ,,Расцветан јасмин“ од Јордан Леов е 66 премиера на велешки театар и е изведена во 1956 година.
Во 1961 година се поставени драмите ,,Парите се отепувачка“ од Ристо Крле и ,,Александра“ од Томе Арсовски.
Васил Иљоски со ,,Бегалка“ и Киро Костов со ,,Легенда за Рацин“ се нашле на репертоарот на театарот во 1965 година. Покрај домашните автори во овој период се поставувани и дела на Шекспир, Нушиќ, Држиќ, Сремац, Артур Милер, Макијавели, Голдони, Јовков, Сартр, Молиер, Раблес, Островски, Карло Шехнер и други.
Во склоп на театарот се развила и дејноста на младинската сцена, изведувајќи ги меѓу другото и претставите ,,Два цванцика“ од Милован Глишиќ, во режија на Боре Ангеловски, во 1962 година. Истата година е поставена и драматизацијата ,,Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс, во режија на Киро Василев, а во 1963 година е одиграна ,,Виножито“ од Валтер Бауер во режија на Ристо Мајсторов. Истата година е поставена и ,,Волшебна флејта“ од Младен Широла, во режија на Киро Василев.
Последната претстава на професионалниот ансамбл на велешкиот театар е одиграна на 19 февруари 1965 година и тоа е ,,Службен пат“ од Душко Шалиќ, во режија на Ристо Мајсторов. Следната 1966 година сите професионални театри во Македонија биле затворени.
Според евиденцијата на Ристо Стефановски, во периодот од 1948 до 1966 година , велешкиот театар одиграл 139 премиери и вкупно 1727 претстави, кои ги гледале 378.981 гледачи.
Ова се извонредни резултати, особено бројот на гледачите кои ги следеле претставите и се доказ дека ансамблот на театарот работел извонредно и професионално.
Артистичката група на театарот во овој период ја сочинувале : Благоја Анчевски Руски, Рада Анчевска, Стојна Апцева, Борис Бегинов, Ѓорѓи Бисерков Дампе, Славчо Брашнаров, Љубица Вишинова, Владимир Гравчевски, Ратка Зарзева, Јосиф Јосифовски, Стојче Камчев, Ристо Мајсторов, Димче Петров – Галето, Гушко Попов, Рајна Савова, Љубиша Трајковски, Епса Џипунова и други. Претставите ги режирале : Борис Бегинов, Петре Прличков, Тодор Николовски, Благоја Анчевски, Јосиф Јосифовски, како и мадите и академски образовани Благој Андреев, Киро Василев и Ристо Мајсторов.
Театарот гостувал и во поширокиот велешки регион и тоа во Богомила, Врановци, Градско, Зрновци, Иванковци , Извор, Јасеново, Лисиче, Мелница, Ново Село, Оморани, Раштани, Росоман, Пирава, Сујаклари, Степанци, Теово, Чашка и Џумајлија.
Од 1966 до 1973 година во Велес започнало со работа Младинското драмско студио. Негов основоположник е артистот Боре Ангеловски. Студиото започнува со форсирање на авангардниот театар , како и репертоарот за деца и млади. Прва премиера е одиграна 1967 година и тоа драматизацијата ,,Крајот на играта“ од Бекет, со која ансаблот настапува на Хвар во официјална конкуренција на Фестивалот на југословенските драмски театри. Тој успех е повторен и во 1969 година со изведбите на ,, Забава“ од Мрожек и ,, Зоолошка градина“ од Пинтер. Следат и дела од домашни автори и тоа ,, Сердарот“ од Прличев, ,,Скица за гоблен со паљачо“ од Трајче Крстевски, а на репертоарот на Студиото се нашле и ,,Филоктет“ од Хајнер Милер, ,,Кир Јања“ од Ј.С.Поповиќ, ,, Јазовец пред суд“ од Петар Кочиќ и други. Претставите ги режирале Боре Ангеловски и Владимир Гравчевски, а од младата глумечка екипа улогите ги толкувале Тодор Кузманов, Александар Ѓеорѓиев, Илија Смилев, Драган Миладинов, Младен Крстевски, Марко Минов и други.
Повторното заживување на професионалниот театар во Велес започнува со формирање на актерско јадро од професионални академски образувани кадри .Тоа пред се се однесува на Младен Крстевски, Александар Ѓеорѓиев, Јордан Витанов, Кица Вељановска, Весна Димитровска Бобевски, Љубе Терзиев, Ѓорѓи Бисерков, Кирил Гравчев, Слободанка Чичевска и други помлади членови на драмскиот ансамбл на Велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
Во новата театарска зграда се поставуваат современо концепирани, сценски богато осмислени и убаво костимирани претстави со кои се следат современите светски трендови преку поставување на драмски остварувања на светски познати автори, секако при тоа не запоставувајќи ги и македонските автори, кои во се` поголем број се присутни на театарските даски ,, кои живот значат“.
Ова е само мој пресек и поглед на минатото на театарот во Велес чиј вљубеник сум и јас. Се надевам дека овој текст некого ќе го потсети на убавите театарски денови. Лично, одвај чекам да продолжи театарскиот живот и да започнат нови претстави, нови премиери. Велес го заслужува театарот бидејќи живее и пулсира со него.
пишува: Љупчо Данов