30 Издумани Крлевизми за мажите: „Додека и го мерев умот, таа ми ја скрои капата“

Објавено на 12 април, 2024 во 10:17

Велешанецот Атанас Крлевски овој петок испрати вкупно 30 издумани Крлевизми за читателите на Дума.мк и вели:

„Читајте Издумани Крлевизми! Најпрво ќе ве насмеат, а потоа ќе ве задумаат… Доволна причина да ги читате“, додава Крлевски.

Уживајте!

  1. Мажите не се цвеќе за мирисање, но и светот не е цветна градина.
  2. Ако жената често го множи мажот со нула, бргу ќе го дели со два.
  3. Фатен сум на дело! Требаше да си останам на зборови.
  4. И при погрешно изигран такт не ме нагазила штикла. Јас си играм по свое.
  5. Зошто да немам швалерка, кога имам две рамена за плачење?
  6. И возрасните мажи може да се употребливи. Треба само да се подгреат… како вчерашен ручек.
  7. И го ограничи движењето на женаму и остана со недвижниот имот.
  8. Ако жената е стожерот, мажот не мора да е волот во семејството.
  9. Ако некој од хористите престанал да пее, ја видел жена му во салата.
  10. До скоро спиев со жена ми, а сега до жена ми. Ситници не ме засегаат.
  11. Додека и го мерев умот, таа ми ја скрои капата.
  12. Едни мажи ги повредуваат жените, а други им ги лечат раните.
  13. Жената која ќе поверува во лажната надеж од мажот е измамена. За истото, мажот е будала.
  14. За секоја работа што ја работам, жена ми ми вели: ,, Земи нешто работи!“
  15. Загубив значајна функција во домот. Купивме смарт – бојлер.
  16. Занурка во едно длабоко деколте и… се удави.
  17. Зборувам што жена ми мисли. Значи постојам!
  18. И по последната битка за нова љубов останав промашен случај.
  19. Трчајќи по здолништа заврши во Шкотска.
  20. Идеален љубовник за девица: стрелец со искуство здобиено со многу риби.
  21. Имам проблем со интелигентните жени. Попаметни, а не ми попуштаат.
  22. Јадењата ги подготвувам во дневна. На мажите не им е местото во кујната.
  23. Како да ја вратам во реалноста? Во мене гледа идеален маж.
  24. Како него маж нема, а жена може да се најде.
  25. Кога е со мене, жена ми е нервозна. Таа се нервира од ништо.
  26. Кога требаше да ја остварам животната љубов, умрев…од страв.
  27. Ако си слаб маж, во бракот ќе минуваш низ иглени уши.
  28. Би бил голем љубовџија, ако на љубовните состаноци имам кворум.
  29. Да и простам ли Господе? Знае што прави.
  30. Мажот не е ѓавол, а може да има рогови.

Афористичар Атанас Крлевски

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.