Издумани Крлевизми за животните: „На коњ сум! Си купив магаре“
Велешкиот афористичар Атанас Крлевски овој петок со нови афоризми на тема за животните (коњот и магарето). Како што појаснува тој и од животните имало многу да се научи и додава „Јас сум учел од нив, а учете и вие – што треба и што не треба да правиме“.
-На коњ сум! Си купив магаре.
-И магарето го става коњот во втор план. Кога рика!
-Каде нема добри коњи, прашина се крева оти се лоши патиштата.
-Освен зад добрите коњи, прашина се крева и зад инаетливите магариња.
-Магарето го повикаа во кавалеријата. Носеше вода, а мислеше дека е коњ.
-Во бајките има и принцови и бели коњи. Во животот, принцот и коњот се едно исто.
-Во занес од убавината на коњот, не забележа дека раката и ја побара коњушарот на принцот.
-Тројанскиот коњ излезе магаре. Внатре немаше никој.
-Сине татин, пастуве мој! Ќерко мајкина, чувај се од пастуви!
-Некои жени се неосвоиви тврдини, се додека некои мажи не станат Тројански коњи.
-Пред да се оженам бев крал, но и во бракот останав значајна фигура – коњ!
-И магарињата имаат свој бренд – магарешкиот трн!
-Самарите ги искршивме и конечно на ред се… магарињата.
-Со златни самари многумина би се нафатиле да бидат магариња.
-Срамота е за магарето да се истрчува пред прлето.
-И ние имаме коњ за трка, ама секогаш доцни на стартот.
Афористичар
Атанас Крлевски
Дума.мк