Самостојна изложба на Сали Етунч во Ликовен салон Велес
Самостојна изложба „Технолошки примитивци“ од Сали Ертучи ќе биде отворена утре, 23 ноември, во Ликовен салон Велес со почеток во 20:00 часот. Таа претставува еден мини експеримент со комбинирање на традиционалните техники на уличната уметност, една цела серија на цртежи коишто се инспирирани од примитивните пештерски цртежи од љубопитноста на уметникот.
Ликовниот уметник Сали Ертунч е роден во Скопје во 1990 година. Својата високошколска едукација ја завршува во Факултет за Ликовни Уметности при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, во 2013-та година како дипломиран Графички уметник и дизајнер. По завршувањето на своите студии, своето делување го продолжува во Скопје со отворање атеље во скопската Стара Чаршија, која понатаму ќе биде собирна точка на ателињата на колективот „Кула“.
Како еден од основачите на КЦ „Кула“, тој, има организирано повеќе разни културни настани, но и свои изложби. Во 2014-та година го организира првиот настан на КЦ „Кула“ кој што е воедно негова прва самостојна изложба. Во следните 3 години тој успева да биде дел од повеќе групни изложби и да организира 6 самостојни изложби. Во неговото скромно атеље во Скопје, тој, со голема љубопитност, продолжува да експериментира со користење на традиционални ликовни техники и да создава цртежи, слики, графики кои што ја будат интолеранцијата кај гледачот.
-Потребата за споделување на секојдневието е древна вежба и сѐ уште се практикува. Па, начинот на практикување останува ист. Тоа е една од првите сличности помеѓу примитивните и модерните општества: користење на ѕидот како портал за споделување на информации. Но, технолошката разлика е огромна, па тука започнува проблемот или забавата. Како што ни се олеснува начинот за споделување на информации, така се истенчува и филтерот на споделените информации. Тоа значи, share на сликата од својата чинија, полна со храна зготвена од страна на платен шеф, кој што дента на својот ѕид share-нал за својот отказ. За тоа државата е крива, која што пред политичката кампања ги моли големите корпорации за споделување на информации, од корпорации што share-нале нивно мислење за нетолерантноста кон изборниот криминал, а тие се новите богови на обичните смртници кои пак своеволно, ги споделуваат непотребните, приватните, индивидуалните, рекламните, едукативните, лажните, древните, модерните, нарцистичките полу-информации на својот ЅИД. Како еден обичен лов на мамут. Со цртежи во различни формати ќе биде заокружен серијалот „ТехноЛОШКИ примитивци“, вели уметникот.
Оваа изложба е поддржана од Министерство за култура на С. Македонија, како дел од проект од национален интерес за 2022 година во рамките на програмата на локалната установа „Народен Музеј“ Велес за 2022 година.
Стефани Манева