Со претставата „Кафез кај кокони“ започна второто издание на фестивалот „5ре“ во Велес (фото и видео)

Со интерпретација на химната на Македонија и градот Велес од страна на Орхидеја Дукова и дечињата од ОЈУДГ „Димче Мирчев“, вчера вечер, во Велес свечено беше отворен фестивалот „5ре“ посветен на македонската и југословенска актерска легенда Петре Прличко.
Второто издание на театарскиот фестивал на комедија „5ре“ го отвори претставата „Кафез кај кокони“ на Драмски театар Скопје на режисерот Димче Николовски. Претставата на фестивалот го имаше репризното прикажување откако во саботата беше премиерно изведена во Скопје.



Претставата во времетраење од околу три часа беше постојано наградувана со аплауз од публиката поради огромниот број на комични сцени. Токму честа што со најновиот театарски проект токму Драмски театар од Скопје го отвори вториот фестивал на комедија „5ре“ за актерите претставува предизвик.
-Секогаш кога се настапува на фестивал е многу возбудливо, посебно кога тоа е на отворање. Искрено од наша страна беше супер и си поминавме одлично, верувам дека уживаше и публиката, рече Филип Трајковиќ којшто во престава ја игра улогата на Жорж.
Актерот Александар Степанулевски којшто во претставата ја толкуваше улогата на Албен се согласи со Трајковиќ, додека актерката Соња Стамолџиоска која го толкуваше ликот на Камиј, додаде дека оваа престава својата премиера ја доживеала пред два дена и истата е нешто ново и за нив.

-Дури сега ги гледаме реакциите на публиката и допрва ја запознаваме преставата со публиката. И во Скопје поминавме одлично, задоволни сме со тоа што направивме. Се уште сме возбудени од изведбата вечерва. Искрено, звучеше дека и публиката во оваа сала е задоволна од нас и од претставата, додаде Стамболџиоска.
На репертоарот на фестивалот „5ре“, вечерва е претставата „Илуминати“ на Театар Комедија од Скопје. Почетокот на претставата е во 20:00 часот.
Стефани Манева
