Тони Михајловски: За прв пат стојам на сцената во Велешки театар, посебно се радувам што е за наградата животно дело „Петре Прличко“
Со длабок поклон кон велешката публиката за долгиот громогласен аплауз се заблагодари актерот Тони Михајловски, кој вчера вечер, на свеченото отворање на третото издание на фестивалот за комедија „5ре“ ја доби наградата за животно дело „Петре Прличко“. Театарскиот и филмски актер откри дека во 30 години кариера за прв пат стои на големата сцена на Велешкиот театар „Ј.Х.К Џинот“ и посебно се радува што тоа е токму за доделување на наградата „Петре Прличко“ човекот кој ги поставил темелите на театарот.
– Немам некој говор спремено, навистина емоциите ме обземаат. Благодарам и на Општина Велес, на колегите за едногласната одлука за добиената награда и се надевам дека ќе ја оправдам оваа награда во годините коишто ми останаа до пензионирање, ќе го оправдам ова и ќе заокружам уште еден убав циклус. Сакам да Ви го кажам и моето мото за театарот по коешто се водам: „Доколку сакаш да пратиш порака напиши смс или оди во пошта, театарот е за забава“ и така се водев низ сите години што и да играв на овие театарски штици и се надевам дека таа забава ја префрлив преку рампата за да стигне до публиката. Оваа награда ми е доказ дека сум го префрлил тоа и ќе продолжам така, додаде Михајловски.
Пред свеченото врачување на наградата, во името на жири комисијата во состав на Фаик Мефаилоски, Благојчо Стојанов и Слободанка Чичевска, се обрати токму Чичевска и објасни зошто Михајловски е добитник на наградата животно дело „Петре Прличко“.
-Театаски и филмски актер кој над 30 години е дел од македонската култура и уметност. Тој пред се е актер но и режисер, тв водител и текстописец. Михајловски е актер кој вредно и трпеливо ја гради својата кариера и прерасна во една од најдоминантните појави не само на македонската туку и балксанската театарска и филмска сцена. Со појавата на Тони Михајловски театарот и филмот како медиуми станаа побогати а публиката со нетрпение го очекува секој негов нов лик, ново искуство, нова потврда на неговата актерска величина. Тој исто така, добивал многу награди за кои ми е потребно и многу време да ги соопштам, затоа жири комисијата едногласно одлучи овогодишниот лоуреат на наградата животно дело „Петре Прличко“ да биде Тони Михајловски, додаде Чичевска.
Наградата на годинешниот лауреат му ја додели градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев.
Публиката потоа уживаше во премиерното издание на комедијата „Вечера за глупаци“ на Велешки театар. Втората фестивалска вечер ќе продолжи во петок, на 22 март, со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје.
Претставата „Мој термин“ којашто требаше да се одигра на 23 март, сабота, поради здравствени причини на еден од актерите се преместува за на 28 март, четврток, со почеток во 20:00 часот. Купените билети ќе важат за новиот термин.
Стефани Манева