Јанчев изненаден од високото признание на Зеленски и Република Украина: Тоа е Орден за Македонија, за Македонците, за мене и за нашата семејна фирма

Објавено: 25 август, 2025, во 15:16 часот

Официјално, до градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев не е стигната по дипломатски канали информацијата за доделувањето на државната награда „Орден за заслуги, трет степен“ на претседателот на Украина, Володомир Зеленски, на вчерашната прослава на Денот на независноста на земјата. Јанчев за Дума.мк искрено изјави дека и тој за доделеното високо државно признание дознал денеска, од македонските медиуми, коишто ја пренесоа новинарската агенциска вест. Иако изненаден и затечен, од прочитаната вест за честа којашто му ја укажува еден претседател на држава во Европа  на новинарското прашање што за него лично значи вака високото државничко признание, Јанчев одговори:

-За мене лично претставува чест и гордост пред се како човек којшто е добитник на Орден од високо значење на една почитувана држава во светот. Чест секако е и за моето семејство и нашата компанија која испратила хуманитарна помош, преку 20 пати, во Украина од за жал започнувањето на војната до денеска и таа помош стигнала до голем број на граѓани во деловите коишто се засегнати од војната. Лично сум горд што таа помош стигнала на тие што им е најпотребна, значи на граѓаните, на цивилното население, како реална потреба за нивното непречено функционирање. Да бидам искрен, официјално не сум информирам туку и јас веста ја прочитав, денеска, од медиумите. Неочекувано е за мене, но е вест која што е убава, особено што доаѓа од државата Република Украина, со оглед на фактичката состојба во којашто за жал таа се наоѓа. И ќе нагласам дека тоа пред се е Орден за нашата држава, Република Македонија, за Македонците и за нашата семејна фирма, “ рече Јанчев.

Кавадаречкиот градоначалник додаде дека најверојатно високата државна награда се однесува за помошта што семејната фирма на Јанчеви ја дала таму каде што била најпотребна. Јанчев нагласи дека по некогаш помошта може да се состои од многу мали нешта коишто се многу поголеми од нивната финансиска вредност затоа што да се помогне и на само еден човек значи потврда на добронамерност. Иако тој смета дека неговата семејна компанија не е во категоријата на големи, со високи буџети, сепак има мото кое како одраз на воспитувањето на неговите родители прераснато е во водилка а тоа е да се помогне на секој човек кога му е најпотребно.

-Тоа е најголемото семејно наследство на Јанчеви, нивното мото да се помага кога обичните луѓе, еден човек или поголема група, имаат потреба за помош. Тоа го поседуваме како вродена човечка карактерна особина и затоа јас често велам кога даруваме помош мора да измериме преку личното чувството поточно колку убаво се чувствуваме кога некој ќе ни помогне или кога ќе добиеме некаков подарок, додада Јанчев.

Тој претпоставува дека високото државно признание „Орден за заслуги, трет степен“ којшто претседателот на Република Украина, Володимир Зеленски му го доделил се однесува на донацијата од „Генератор за производство на електрична енергија од 700 kw  на час“ за граѓаните кои живеат во украинската област Буча. Генераторот што „Кожувачанка“ го испрати, во временскиот период кога електричната енергија имаше пазарна вредност од 500 евра за 1 киловат а генератори неможеше да се набават поради недостаток на светскиот пазар, беше сосема нов и резервен во компанијата на Јанчеви. За генераторот беше обезбеден и транспорт од Јанчеви на релацијата Македонија – област Буча, во Украина. Генераторот по монтажата во Буча обезбеди функционирање на 15 бунари за вода и електрична канализациска пумпа како и снабдување со електрична енергија на 15 болници и исто толку училишта во оваа украинска област.

Исто така, досега во Украина донирани се и 20 шлепери со вода како и други производи на „Кожувчанка“ за граѓаните на оваа европска земја во војна како и за организираниот и реализиран 15 дневен одмор на 65 деца на загинати родители, браќа и сестри, од најпогодените делови со војната во Украина во летувалиштето „Михајлово“, од кавадаречка страна на Кожув, кои одморајќи и запознавајќи ги убавините во Македонија користеа терапија на закрепнување од воените трауми.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.