Членовите на „Алма“ од Велес го одбележаа меѓународниот ден на Алзас (фото)
Првите две букви од Алзас и првите две букви од Македонија, го создадоа името на здружението „Алма“ коешто според членовите функционира со многу љубов. Франкофоните и пријателите на организација „Алма“, денеска, во медијатеката на градската велешка библиотека, поточно пред француското катче коешто брои повеќе од 1400 книги на француски јазик, го одбележаа меѓународниот ден на Алзас.
Во оваа област, на 24 јуни се слави овој голем празник наречен „Alzas fun day“. Професорката по француски јазик и член на „Алма“, Мимоза Тодоровска, на денешниот настан рече дека тие во чест на овој празник до сите француски пријатели ќе испратат многу фотографии, снимки, пораки, насмевки и многу љубов.
-Преку овој настан сакаме да ве запознаеме со областа Алзас но и нашата соработка, нашите дружби во „Алма“. Сакам да напоменам дека ништо од ова немаше да се случи ако не беше еден голем човек, алзашанин а според нас и велешанец, којшто долги години престојуваше, работеше и помагаше на Велес. Нашиот господин Жан Шлеф. Ние денес, со еден мал придонес, сакаме да му возрвратиме на убавиот регион, на нашите пријатели од таму како и на Жак и да го прославиме нивниот голем празник, додаде Тодоровска.
За време на настанот, преку видео снимка се обрати и Жак Шлеф, претседателот на здружението „Алма“, кој испрати топли поздрави до присутните.
Исто така, на настанот во име на Француската Амбасада и Францускиот Институт од Скопје, присутни беа Љупка Димова и Бранко Чобанов кој ги поздрави присутните и додаде дека му претставува посебна радост кога се случуваат настани поврзани со француската култура.
-Пред повеќе години бевме присутни на отворањето на ова прекрасно франкофонско катче. Нас не радуваат сите активности коишто целат да ја поврзат нашата земја со Франција. Ние како француски Институт, во рамките на нашите скромни можности, тука сме да ви помагаме. Со колешката Љупка зборувавме дека е добро овде да се направи и некоја филмска проекција, додаде Чобанов.
Присутните, од членовите на здружението слушнаа и за „Патот на виното“ , поточно пијалокот којшто ги спојува овие две земји преку презентација од Јадранка Стефкова, додека стихови од француски шансоа слушнаа благодарение на Никола Димовски којшто е професор по француски јазик во средно училиште но своето слободно време го користи за свирење на гитара.
За време на настанот, присутните уживаа и во музичка изведба на класична композиција отсвирена на гитара од страна на ученичката Ангела Саздова.
Потоа слушнаа неколку француски и алзашки поезии од учениците Елена, Ведрана и Енес. Погледнаа и презентација со убавите на Алзас подготвена од професорката Тодровска.
На самиот крај, учениците Мила, Елена, Ангела, Лука, Андреј, Енес, Андреј, Марија и Матеа одглумија и кратка претстава во три сцени насловена како „Сакам, значи постојам“.
Стефани Манева