ЕВН тврди дека Јосифовски од велешко Дурутовец биле газди на дрвените електрични столбови во пеплосаниот овоштарник, Градоначалникот Коцевски вели „Тоа не е можно“!
ЕВН се иззема од одговорноста за изгорениот овоштарник, двата автомобили марка „застава 750“ и останатите не материјални добра на имотот на семејството Јосифовски во велешко Дурутовец. Во одговорот што Дума.мк го доби од компанијата пишува дека вработени на ЕВН веднаш интервенирале но, изгорениот дрвен столб или бандера била во приватна сопственост на семејството Јосифовски.
„Екипите на Електродистрибуција веднаш постапиле по барањето на Противпожарната служба на Велес за обезбедување на безнапонска состојба на мрежата преку која корисникот се снабдува со електрична енергија. На терен е констатиран делумно изгорен столб кој е во приватна сопственост на самиот корисник. Столбовите кои се во сопственост на ЕВН Македонија воопшто не се опфатени од пожарот на овоштарникот на семејството Јосифови. За подетални информации во врска со истрагата, ве насочуваме да се обратите во надлежните истражни институции,“ пишува во одговорот на ЕВН Македонија.
Со овој одговор електродистрибутивната компанија не смета дека е предизвикувач на пожарот наспроти тврдењата на Јосифовски и на нивните соседи дека од силниот ветер и допирањето на електричните жици, на 5 август, годинава, околу 17 часот, се создало искрење и се запалиле сувата трева, дрвцата а потоа и автомобилите како и останатите не материјални добра на нивниот имот. ЕВН , исто така, смета дека не таа туку Јосифовски се сопственици на дрвениот столб и електричните жици на електросистемот што поминува низ нивната земја.
На новинарското прашање на Дума.мк ,на денешната прес конференција на Градоначалникот Аце Коцевски, чии се дрвените столбови или бандери како и жиците во евидентираниот за изгорен овоштарник на Јосифовски во Дурутовец како последица на пожарот тој одговори:
-Јас бев таму, кога даде изјава сопственикот на овоштарникот, во која тој соопшти дека пожарот настанал поради дување на ветрот од кој се споиле две жици а искричењето паднало долу на земјата и предизвикало оган. Но, не знам дали записнички е евидентирана таа изјава во записникот на претставниците на МВР. И во други делови на државата пожарите се предизвикани од споеви на жици, при дување на силни ветрови на системите за електрична енергија затоа што жиците при топло време се шират и паѓаат надолу а во зима се собираат. Не е можно преносниот систем да е во приватна сопственост бидејќи компанијата од него продава струја на крајните потрошувачи, додаде Коцевски.
Сега, на семејството Јосифовски не му останува ништо друго освен правдата да ја бара по судски пат.
Убавка Јаневска