(фото) „Соседска патрола“ – нова превентивна кампања на СВР Велес за зголемување на безбедноста меѓу младите

Мешана патрола составена од полициски службеници на Одделението за превенција во СВР Велес, претставници на Локална самоуправа, Локални Совет за превенција и Општински Совет за превенција за детско престапништво, родители како и Центарот за социјални работи Велес, во саботата, спроведоа превентивната кампања „Соседска патрола“ посветена на младите во градот. Тие во период од 21:00 до 02:00 часот ги посетија угостителските објекти како и места на отворен простор кадешто во ноќните часови најчесто се собираат и дружат младите.

-Целта на кампањата е родителите да видат каде и како се забавуваат нивните деца во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски објекти и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се можните предизвици со кои се соочуваат и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања. Исто така, преку широка општествена акција да се зацврсти партнерскиот однос меѓу полицијата и граѓаните, да се придонесе кон зголемување на степенот на безбедноста, да се намалат можните инциденти на местата каде што се забавуваат младите, соопштија од Министерство за внатрешни работи.

Истовремено, додадоа дека намерата е да се подигне општествената свесност и совеста кај младите за одговорно однесување во угостителските објекти и на јавните места. Доследно да ги почитуваат законските одредби, пред сѐ од областа на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Стефани Манева
