Иако пикот достигнат лани, во ноември, варичелата сеуште присутна во велешко
Од 109 регистрирани случаи, минатата година, во месец октомври преку 276 новозаболени во ноември и до 203 регистрирани во декември, инфективната болест варичела сеуште е присутна во градот и населените места на општина Велес. Од центарот за јавно здравје за болеста, помеѓу граѓаните по позната како овчи сипаници, информираат дека минатата година особено ги нападна децата. Бројките на оваа јавна здравствена установа, исто така, говорат за зголемен број на заболени деца за време на претпразничната новогодишна еуфорија.
Епидемиолозите констатираат дека варичелата се појави во период од годината кој што е карактеристичен за неа. Бројката од вкупно 588 регистрирани заболени можеби се должи и на податокот дека во 2019 година не беше регистриран ниту еден случај на варичела ни во Велес ниту во државата.
-Тогаш беа на сила мерките на задолжително носење на маски, поради пандемијата со корона вирусот, во градинските и училиштата се практикуваше одржување на дистанца па се тоа придонесе за не преносливост на болеста. Инаку варичелата е инфективно заболување кое се пренесува преку респираторниот тракт на човекот по што следи осипување на кожата на телото, рече епидемиологот др Бојан Тодоровски.
Состојбата со зголемувањето на бројот на заболени е регистрирана и во Службата за превентивна здравствена заштита на предучилишни деца во Здравствен дом Велес. Според др Марина Тодоровска голем е бројот на родители коишто побарале одложување на вакцинација на своите деца затоа што тие во моментот биле болни.
-Состојбата во градот ја почуствувавме преку голем број на деца на кои моравме да го одложиме вакцинирањето поради тоа што беа заболеми или се контактни, поточно, имаа повозрасно братче или сестриче болни од варичела. Имавме и случаи на доенчиња, помали од шест месеци, со јасна клиничка слика на варичела како и повозрасни дечиња до две години кои или посетувале или не посетувале градинка за кои пријава ни стигна од родителите дека се заболени од овчи сипаници па поради тоа ја одлагавме редовната вакцинација, додаде др Тодоровска.
Од Институтот за јавно здравје информираа дека од вкупниот број 28 заболени граѓани биле на возраст над 20 години. Според нивната статистика зголемување на бројот на случаи се должи на намалено пријавување на заразното заболување и во текот на 2020 и 2021 година како резултат на пандемијата на КОВИД19.
Ова секако не се конечни бројки на заболени лица од овчи сипаници бидејќи здравствените работници забележуваат дека постојат и случаи на деца со лесни клинички слики чии што родители ги лекуваат без да ги однесат на матичен лекар. Тие сепак апелираат на телефонска консултација со лекарот бидејќи од аспект на заштита на останатите деца, болни од други болести, не се препорачува инфицираните со варичела да чекаат во иста чекална или да бидат прегледувани од ист лекар во амбулантата.
Убавка Јаневска