Какво внимание посветуваат граѓаните и локалната заедница во делот на заштита од пожари и електрични празнења ?

Објавено на 20 мај, 2022 во 18:01
Фото: Центар на Велес

Стамбените заедници, поранешни куќни совети, во колективните стамбени објекти во Велес се одговорни за безбедноста на станарите и нивните домови. Граѓаните треба да знаат дека освен за собирање на финансиски средства, коишто се неопходни за одржување на хигиената во влезовите, по скалите, во ходниците и во сутерените, овие од нив избрани тела исто така потребно е да се грижат и за функционирање на лифтовите, за постојана функционалност на хидрантите како и за обезбедување на противпожарните апарати. Последниве се потребни во случаите кога се појавуваат помали или поголеми пожари. На пожарникарите им се од особена корист за што поголема ефикасност односно брзо ставање под контрола и гаснење на пожарите.  

Фото: Влез во дел од зграда

Во денешен одговор на новинарско прашање, градоначалникот Марко Колев потенцираше дека, од неодамна, како дел од општинската администрација бил и инспекторот за домување чија задача, помеѓу останатото, е и проверка на исправноста на хидрантите. Според Колев дел од проверените биле затекнати во исправна но имало и неисправни хидранти. Ваквата состојба била причина, во иднина, заедно со Совет на Општина Велес да интервенираат со цел да се подобри состојбата во градот.

Фото: Дел од влез во зграда

Дума.мк од Општина Велес, денеска, исто така, на емајл побара одговор на новинарски прашања кои се поврзани со темата. Прашавме  дали планира и кога Градоначалникот и Советот да превземат иницијатива за проверка и на громобранските инсталации кои, исто така, се многу значајни за безбедноста како на граѓаните така и на нивните домови. Пред се од пожари предизвикан од електрични празнења, удари на гром, особено по дојави на граѓани дека таму каде што порано биле поставени ги нема а на новите градби доколку се постават тогаш за кратко време се крадат. Исто така прашавме и за тоа дали општинската администрација располага со информации за причините за последниот пожар на ул: „Никола Карев“ кога како последица од електрично празнење пред точно 20 дена се запали стан на последниот кат од зграда.

Фото: Дел од влез во зграда

Од општината не одговорија на емајлот туку во телефонски повик ни соопштија дека ќе одговореле, од понеделник понатаму.

Дума.мк ги консултираше градежните фирми во Велес кои тврдат дека согласно Закон за градба обврзани се при изградбата на секој нов објект да постават како громобранската така и инсталации за хидрофори со црева за гаснење пожари. Истовремено соопштија дека доколку фирмата што го врши надзорот на изградбата постапува согласно законот тогаш таа мора да евидентира и колкав е бројот на противпожарни апарати коишто се поставени во секој влез од новоизградена зграда.

Фото: Проектирано место за хидрофор и пожарникарски црева

Наспроти новоизградените мал е бројот на стари згради во Велес во кои има громобранска, хидрофорска мрежа и противпожарни апарати. Дума.мк посети неколку згради во центарот на градот. Таму хидрофорските мрежи ако не се затворени тогаш ги нема. Во влезовите нема ниту противпожарни апарати. На дел од овие објекти има метални ленти но тешко можеше да се утврди дали тие се громобрански инсталации. Најголем дел од металот не завршуваше со вкопување во земја.  

Засега кон оваа тема се чини дека единствено сериозен пристап имаат пожарникарите. Луѓето  кои ги гаснат пожарите и притоа се соочуваат со сериозни проблеми. Пожарникарите отворено говорат и советуваат зошто е потребно да се обрне големо внимание за сите веќе напишани предмети кои согласно закон потребни се, како во зградите така и во куќите.

Постојат и граѓани кои имаат изградено свест и затоа дојавуваат за сериозни пропусти што не треба да се занемаруваат со цел да се избегнат како материјални штети така и фатални последици врз човечки животи од пожари. Последниот удар од гром во градот е потврда за сериозноста за сите коишто живеат во локална заедница. Се разбира, во секоја!

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.