Кавадарчани ќе предлагаат име за плоштадот
Името на плоштадот во Кавадарци ќе се менува. Градоначалникот објави повик граѓаните да ги кажуваат своите предлози за новото име. Повикот е отворен до 26 август, а предлозите со имиња се доставуват до општината.
Потоа пристигнатите предлози ќе се селектираат и ќе следи законска постапка за промена на сегашното име „Маршал Тито“ во новото, што ќе биде избрано.
„Преименувањето на улиците и плоштадите во општината е моја програмска определба која доби зелено светло и од Советото на Општината, кој пред неколку години изгласа Одлука со која се усвои листа на имиња на залужни граѓани од Кавадарци кои со своето дело оставиле траен белег во историјата на градот. Врз основа на таа одлука беа извршени промени на имињата на повеќе улици и булевари, а се даде име и на градскиот парк“ вели Панов и смета дека во овој период биле созреани условите за промена на името на градскиот плоштад.
Според убедувањето на градоначалникот, Кавадарци и неговите граѓани заслужувале плоштад чие име ќе го одразува духот на поднебјето и ќе потекнува од корените на славната кавадаречка историја.
„Морам да истакнам дека овој потег во никој случај не е негирање на нашата поблиска историја и периодот после НОБ. Напротив мојата одлука е мотивирана од длабоки патриотски причини,а во духот на времето во кое живееме. Целта е јасна да бидеме „Свои на своето“ и да ги почитуваме и величаме нашите кавадаречки, Тиквешки и Македонски корени“вели градоначалникот Панов.
Ваква постапка, граѓаните да предложат име, уследува откако претходните најави да се премиенува плоштадот во „Филип Петти“, ја разбрануваа кавадаречката јавност.
Ангел Данов