Екстерното тестирање успешно помина во кавадаречките училишта
Средношколците во завршна година од гимназиско, стручно или уметничко образование денеска беа екстерно тестирани по првиот од двата предмета од полагањето. Тестирањето во кавадаречките училишта помина без проблеми.
Полагањето по привиот предмет, навреме започна во гимназијата „Добри Даскалов“, СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и во СОУ „Ќиро Спанџов Брко“. Учениците рекоа дека и покрај стравот кој го имале сепак успеале да дадат одговори на прашањата и се надеваат дека ќе имаат позитивни резултати.
„ Па и не беа многу тешки прашањата. Со овие тестирања ни се наметнува обврска редовно да го учиме материјалот, а не само за оценка“ рекоа дел од учениците кои денеска беа тестирани. Дел пак, рекоа дека немале доволно време да се подготват за тестирањето.
Со резултатите од екстерното тестирање на вага е и објективноста на нивната оценка која ја добиле од наставникот или професорот.
Матурантите годинава првпат полагаат екстерно, зошто ланските беа изземени од овој процес, и ќе бидат први на годинашното тестирање зошто во јуни ќе имаат обврски за полагањето на државната матура.
Сите други ученици, од трето одделение до трета година средно, екстерно ќе бидат тестирани на крајот на учебната година.
Министерството за образование и наука креираше систем во кој за матурантите пред трестирањето беа достапни околу 60.000 прашања за сите предмети од сите видови образование.Бројот на прашања кои ќе бидат на тестот зависи од тоа колку е предметот застапен неделно во наставата, така што за предмет што учениците го имаат еднаш во неделата, просечно ќе има околу сто прашања.
Тестирањето од вториот предмет ќе биде задутре, 24 јануари.