Грипот се шири, граѓаните свртени кон лекување со природни лекови
Кавадарчани полека се свртуваат кон лекување со чаеви и природни лекови. За разлика од порано, кога во сезона на грип, тие во аптеките си купуваа најразлични лекови и витамински препарати, а пред се антибиотици на своја рака, сега состојбите се менуваат.
Аптекарите велат дека сега најчесто се бара парацетамол и кесички кои го содржат овој лек, а се наменети за лекување на настинка и ублажување на симптомите на грип.
„По се изгледа свеста кај граѓаните е на повисоко ниво. Оние кои имаат потреба од лекови исклучиво доаѓаат со лекарски рецепт. Не се бараат како порано ниту оние лекови кои се издаваат без рецепт, а за антибиотици мора да имаат рецепт од матичниот лекар“ ни рекоа аптекари со кои разговаравме. Тие нагласуваат дека сега многу помалку се бараат и витамински препарати.
Дека кавадарчани се свртуваат кон природата и билките кои таа ги нуди, говори и фактот што на градскиот пазар порано имаше само една тезга на која се продаваа лековити билки, сега има најмалку четири.
Лекарите велат дека грипот ќе земе замав во наредниот период. Затоа граѓаните треба да ги почитуваат нивните препораки, особено да внимаваат на хигиената на рацете и да се грижат околу исхраната, да внесуваат повеќе течности и повеќе витамини кои ги има во сезонското овошје.