„Винеа“ го исплаќа долгот кон лозарите
Лозарите на кои им должи винарската визба „Винеа“ за предаденото грозје во изминативе неколку години, почнаа да ги добиваат парите.
На дел од нив веќе визбата им го исплати долгот, а доби обврска до први март целосно да го исплати долгот кон производителите на грозје. Обврската ја испорачал Државниот инспекторат за земјоделство преку решение.
Денеска повторно на средба со лозарите беше заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски. Тој кажа дека државата правела максимални напори да се решат проблемите на лозарите.
„ Во два наврати ги прочистивме сите списоци. Нашиот инспекторат за земјоделство, шумарство и водостопанство беше во посета на Винеа и детектирани се сите оние лица на кои им се должи.Ние не бегаме од проблемите. Напротив, сакаме да ги решаваме. Најлесно беше да им одговориме на лозаропроизводителите дека ние не сме надлежни и дека треба да ја тужат винаријата, дека судовите тоа ќе си го средат. Но ние не постапивме така. И дури не се решат проблемите, дури не се исплати до последно зрно, ние ќе ги користиме сите расположливи инструменти кои ни се на располагање како институции за да им помогнеме на производителите на грозје да си ги добијат парите кои ги заслужуваат“ рече Коњановски и најави дека веќе е започната исплатата на субвенциите за 2013 година./А.Д