Неготино реализира проекти за решавање на проблемот со водоснабдувањето
Проектите за хидраулично регулирање на притискот на водата за пиење, изградбата на два нови резервоари за обезбедување на дополнителни количини вода, замена на старите со нови автоматизирани водомери, реконструкција на водоводната мрежа на улици во градот во должина од 8 километри се проекти кои општина Неготино ги реализира за поквалитетно водоснабдување. Дел од нив ќе се реализираат и во наредниот период.
„Неготинци веќе имаа можност да ги согледаат предностите кои ги дадоа дел од овие активности на кои работи општината. Се укинаа 12 часовните дневни и ноќни рестрикции“ нагласува градоначалникот Ванчо Апостолов.
Стручните служби при локалната самоуправа заедно со соработка со одговорните лица во ЈП „ Комуналец “ континуирано ја следат состојбата на терен, ги откриваат дефектите и преземаат навремени активности за санација на состојбите и проблемите. Како што истакнува градоначалникот Ванчо Апостолов, поголем дел од дефетите се регистирани и за кратко време ќе се премине на нивната санација.
Од општината информираат дека наскоро ќе започне процесот на замена на старата дотраена водоводна мрежа на потегот од винарската визба „ Повардарие “ до селото Дуброво во должина од 1200 метри, каде се откриени најголеми загуби на територијата на општината од 13 до 15 литри во секунда, а со санирањето на состојбите на терен, овие загубени количини вода ќе доаѓаат до домовите на граѓаните на Неготино и дел од населените места. Потребните средства за реализација на овој проект ќе се обезбедат од Буџетот на општина Неготино./А.Д