На земјоделците им е потребна едукација
Земјоделските производители е потребно да се едуцираат со цел полесно да ги спроведуваат новите стандарди кои се пропишани за производство на храна, но и полесно да ги спроведуваат новите технологии и техники во производството. Се почесто експертите од областа на аграрот го нагласуваат ова како основа за конкурентни земјоделски производи на странските пазари.
Деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна проф. Д-р Драги Димитриевски нагласува дека видлив е напредокот во делот на следење на новите достигнувања во аграрот кај македонските земјоделски производители. Вели дека нашите земјоделци се вредни и сакаат да научат нешто ново, доколку им се понуди.
„Виното се извезува, тоа значи дека производителите на грозје ги запазуваат стандардите. Не ни се случува земјоделски производи да бидат запрени на граница, а тоа значи дека нашите земјоделци дека добро ги применуваат мерките за заштита, но секогаш може и подобро“ нагласува Димитриевски и додава дека едукацијата е неопходна и се повеќе таа треба да е дел од македонското земјоделско производство.
„Производството неможе без образование и без следење на новините. Не само што ќе биде потребно, веројатно ќе биде и задолжително, како пристапуваме кон членство во ЕУ, но и пред тоа. За да се исполнат оние вкрстени побарувања, за да се аплицира за буџетски подршки, апликации по програмите за рурален развој, сигурно ќе бидат потребни одредени обуки, образовни курсеви. Ќе треба сите да се вклучиме во таков систем, да се направат модули наменети точно за земјоделците, за различните типови земјоделски стопанства. Ова ќе стане неопходност и ќе стане дел од работата на образовните инстиутуции. Верувам дека тоа ќе го прифаќат земјоделците, пред се младите кои ќе се вклучуваат во земјоделскиот бизнис. Нив значително ќе им биде потребно ова“ рече Димитриевски, нагласувајќи дека преку подршката од државата сигурно ќе биде подржан еден ваков систем.
„Факултетот покрај тоа што образува студенти, е подготвен да се вклучи во таков процес и да даде придонес. Често пати малку се се вулгализира. Се вели дека тие што произведуваат храна, не треба да имаат образование. Тоа не е така. Во земјоделското производство влегуват се повеќе модерни технологии, современа техника за кои е потребно познавање“ налгасува проф д.р Драги Димитриевски./А.Д