Променливото време ги полни ординациите
Иако календарски започна пролетта сепак температурите на воздухот и честите врнежи од дожд па и снег им создаваат здравствени проблеми на граѓаните. Ординациите на матичните лекари се полнат. Вирозите и настинките се најизразени, додека грипот полека стивнува.
Податоците од Центарот за јавно здравје во Кавадарци говорат дека последната недела се евидентирани само 63 нови заболени од грип.
„Речиси преполовен е бројот на нови заболени од грип. Тоа говори дека грипот полека стивнува. Оваа сезона вкупниот број на заболени од ова вирусно заболување достигна 2020 пациенти. Лани до овој период имавме 3234 болни од грип. И понатаму грипот најмногу ги погодува лицата на возраст од 15 до 54 години.“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог.
Дека променливото време негативно влијае на здравјето потврдува и директорот на Здравствен дом Кавадарци, д-р Никола Трендафилов.
„Вирусите и настинките се најчест проблем на кој се жалат граѓаните. Исто така на проблеми со респираторните органи. Зголемен е и бројот на пациенти со покачен крвен пристисок. Наглите промени на времето имаат голем одраз на здравјето на граѓаните“ рече д-р Трендафилов.
По најавите на метеоролозите за нов температурен шок од среда со затоплување на времето, лекарите апелираат пациентите со хронични болести редовно да ја земаат пропишаната терапија./A.Д