Наближува крајниот рок за исплата на ланското грозје
Се наближува крајниот рок кој го предвидува законот за исплата на грозјето откупено од винарските визби во минатата година. Мал е процентот на исплатено грозје во целост, а според лидерот на лозарите Љупчо Аризанов има винарии и кои немаат исплатено ниту една рата за грозјето.
„Контактиравме со Министерството за земјоделство и нашето барање за тужење на визбите кои нема да платат во законскиот рок беше прифатено. Затоа, апелирам до сите лозари по 30 април да почнат со масовно тужење на визбите. Бидејќи тие и понатаму не се придржуваат на законските прописи за исплата на грозјето, според кои шест месеци по откупот на грозјето треба да имаат исплатено најмалку три рати. Секоја чест на исклучоците, на визбите кои редовно си плаќаат, но и понатаму има винарници кои си играат со маката на лозарите. Таквите мора да се тужат за лозарите, преку институциите, да дојдат до своите побарувања“, рече Аризанов.
Исто така Аризанов нагласува дека сеуште одредени винарии имаат стари долгови кон лозарите за кои се водат судски постапки.
Лани родот на грозје поради лошите временски улови беше намален и за над 60 отсто. Лозарите неможеа да извршат навремена заштита поради што родот беше значително оштетен./А.Д