„Тиквеш“ го исплати откупеното грозје од ланската реколта
Винарската визба Тиквеш им го исплати откупеното грозје на лозарите со кои има склуичено договор. За 18 милиони килограми грозје од минатогодишната берба на своите партнери им исплати вкупно 250 милиони денари. Лозарите за предаденото грозје добија просечна цена од 14 денари за килограм а им беше исплатен и дополнителен бонус за екстра квалитетното грозје. Од винарската визба велат дека и покрај неповоолните временски услови успеале да обезбедат квалитетна суровина за производство на вино.
„И во годината која заради временските неприлики беше исклучително тешка за лозарството и домашната винска индустрија „Тиквеш“ остана доследен на својата определба да гради долгорочен партнерски однос со лозарите кој овозможува стабилно снабдување со квалитетно грозје кое е основа за создавање на врвни вина. Ова уште еднаш јасно го покажуваат откупените количини, постигнатата цена како и навремената исплата на откупеното грозје“, рече генералниот директор на винарската визба Игор Илиевски.
Винарската визба и во иднина ќе гради солидни партнерски односи со своите комитенти. И годинава ќе работи на полето на едукација и советување на лозарите како да ги применуваат современите агро-технички методи и практики во одгледувањето и заштитата на лозовите насади. Ќе им овозможи и услови за производство на високо квалитетно грозје. Ако лозарите ги почитуваат насоките и упатствата, винарската визба им го гарантира откупот на грозјето со висок квалитет како и дополнителен бонус при исплатата.
Годинава „Тиквеш“ планира да ги зголеми откупените количини грозје од годинешнава берба за 20 отсто со што ќе го зголеми и пласманот на произведеното вино на домашните но пред се на странските пазари./Д.С