Со теренска проверка се утврдува оштетувањето на виновата лоза
Во наредните денови стручни лица ќе вршат проверка на окцата на ластарите кај виновата лоза, со цел да се утврди процентот на мрзнење на ниските температури.
Проверките започнаа денеска и по нивното завршување ќе се добијат првични резултати за состојбата на виновата лоза – велат од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Според раководителот на подрачната единица, Зоран Шалев, мрзнење има, но сеуште е рано да се утврди точниот процент на оштетувањето на виновата лоза.
Стручњаците велат дека штетите од мразот се најголеми кај помалку отпорните сорти и во лозовите насади покрај реките.
Како што информиравме, првичните проценки од стручни лица укажаа измрзнување и до 60 отсто. Проф. Д-р Ристо Вучков нагласи дека лозарите кои не избрзале со кроењето можат да бидат оптимисти и дека со резидбата можат да го спасат родот, но мразот веќе го обра грозјето од лозјата каде кроењето е завршено оти таму нема можност за никакви корекции./A.Д