Се модернизира кавадаречкото комунално претпријатие
Машина за автоматско одбележување на хоризонталната сообраќајна сигнализација набави јавното претпријатие Комуналец од Кавадарци, со што бележењето на пешачките премини, коловозните ленти и паркинг местата ќе се извршува на софистициран начин. Набавено е и ново товарно возило кое ќе помогне во пружењето на услуги.
Денеска во посета на ЈП Комуналец беше градоначалникот Митко Јанчев кој најави дека и во наредниот период ќе пристигнуваат машини и возила за комплетирање на возниот парк.
„За прв пат ЈП Комуналец ќе има дејност за бележење на сообраќајна сиганлизација. За тоа е набавена машина која чини 20 илјади евра. За некој ден ќе започне и работењето на терен. Претходно бележењето на сигнализацијата беше преку тендер. Исто така набавено е и товарно возило – кипер кое чини околу 30 илјади евра“ рече Јанчев и нагласи дека со направените анализи со набавката на машината, граѓаните за исти пари ќе добиваат поквалитетно бележење.
Новата машина за одбележување на хоризонталната сигнализација е од големо значење, рече директорот на Комуналец, Ѓоко Попицов и најави дека и за управување со истата ќе се изврши едно неделна обука.
„Станува збор за машина од американско производство и истата ќе биде наскоро во функција. Досега бележењето го вршевме на примитивен начин“ рече Поп-Ицов и најави дека во наредниот период ќе пристигнат уште три нови возила./А.Д