Кавадаречкото село Марена доби детска градинка
Околу 30 деца ќе бидат згрижени во просториите на детската градинка во селото Марена. Овде се изврши целосна реконструкција на старото училиште, а од денеска започна да работи објектот “Петар Пан“. Родителите од Марена и селото Глишиќ кои своите деца ги носеа на градинка во Кавадарци, сега тоа ќе го прават многу поблизу, до своето место на живеење.
Со отворањето на овој објект, се намалува и долгиот список со деца кои долго чекаа да бидат примени во градинка.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, најави отворање на уште два објекта во склоп на градинката „Рада Поцева“ до крај на јули, а ќе се инвестираат и 2,6 милиони денари за целосно нова градинка.
„Јас сум сигурна дека и руралните средини заслужуваат да имаат еднаков пристап до услуги како и урбаните средини. И токму тоа е интенцијата на оваа Влада но исто така и на вашиот градоначалник. Затоа што само со обезбедување на пристап и еднакви услови за сите граѓани во државата може да постигнеме поквалитетен живот и еднаквост пред институциите за сите граѓани. Јас навистина се радувам што вложуваме многу во детската заштита како Влада и тоа што отвараме постојано градинки, за само две години отворивме 23 објекти. Минатата година бевме во Кавадарци, оваа година инвестиравме во оваа градинка во опрема, општината си инвестираше во изградба, ние инвестиравме шесто илјади денари“ вели Царовска.
Таа се осврна и на покачувањето на платите на вработените во градинка.
„Воспитувачите и негувателите се основа на детската заштита, без нив не може да кажеме дека градинките нудат квалитетни услови. Токму затоа, обезбедивме доволен број на вработувања во сите градинки во Република Македонија и во Кавадарци, за година и пол имаме илјада и четиристотини вработувања. Дополнително ги зголемивме и во 2017 и во 2018 платите за пет отсто а со јулската, во јули платата исплатена за јуни месец, платите ќе бидат зголемени за 16 проценти, а од септември уште пет. Што значи во 2019 година воспитувачите,негувателите, директорите, имаат зголемување за 21 процент“ – нагласи Царовска.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев нагласи дека нема ништо повредно од искрената детска насмевка и најави за кратко време нови 150 места за прием на дечиња.
„ Детската градинка ,,Рада Поцева” значително ги подобри условите за работа и значително се зголеми капацитетот за сместување на деца во градинките. Секоја просторија доби прочистувачи на воздух, се со цел времето поминато на нашите деца во градинките да биде поквалитетно и здравјето на нашите деца да биде на прво место. Отворивме нова градинка ,,Буба Мара” во која се примени околу 75 деца. Во тек е доградба на простории во две градинки со кои ќе добиеме зголемен капацитет за уште 150 дечиња “ вели Јанчев и искажа благодарност на МТСП, но и на бизнис секторот кој помагал во реализирањето на вакви проекти.
Ангел Данов