Здравко Чолиќ и Јелена Розга годинава на „Тиквешки гроздобер“
Здравко Чолиќ и Јелена Розга се главните ѕвезди на годинашнава стопанско туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“ што ќе се одржува од 6 до 8 септември во Кавадарци. Во чест на грозјето и виното ќе се испишува нова приказна под отворено небо. Организаторот денеска ја објави официјална програма, од каде може да се види дека „Гроздоберот“ годинава нуди содржини за сите возрасти.
Свеченото отворање на манифестацијата е на 6 септември од 12 часот на главната сцена која ќе биде поставена на градскиот плоштад, по што ќе започне дегустација и презентација на вина.
И годинава ќе се одржи трка на келнери. Во малото паркче кај полицијата ќе можат да уживаат љубителите на староградската музика. Овде настап ќе имаат трио Мањифико и Марјан Коцев со „Галакси бенд“.
На првиот ден од гроздоберот ќе биде отворена изложба на фотографии во музеј галеријата, а во спортската сала „Јасмин“ ќе се одржи турнирот во кошарка „Сестри Китеви“.
Во вечерните часови на градскиот плоштад ќе се случува забава за младите со настапот на „Таско“, „2 Бона“ и Тони Зен.
Вториот ден од Гроздоберот ќе започне со изложба на олд тајмери на градскиот плоштад, по што ќе следи традиционалното мото рели. Во малото паркче ќе се одржи традиционалната таблијада.
По повод денот на ослободувањето на Кавадарци, 7 ми септември, кавадаречкиот совет ќе одржи свечена седница, а потоа ќе следуваат настапите на Наташа Малинкова и Јелена Розга. По нив, до 5 часот наутро ќе настапат неколку ди-џеи.
Традиционалниот голем карневал ќе се одржи на 8 септември од 12 часот. Вечерта е настапот на легендарниот Здравко Чолиќ по што ќе следи спектакуларен огномет и затворање на годинашната манифестација.