„Еуроникел индустри“ ги отвори вратите за пракса на ученици
15.12.2020
Ученици од кавадаречкото средно стручно училиште „Ќиро Спанџов Брко“ практична настава ќе изведуваат во компанијата „Еуроникел индустри“. Денеска беше потпишан меморандум за соработка кој покрај изведувањето на пракса, опфаќа и феријална пракса и поддршка за подобрување на образовните процеси.
„Пред почетокот на оваа учебна година веќе реализиравме феријална пракса за 40 ученици од машински и електро струки, а практичната настава за жал е времено одложена заради вториот бран на Ковид 19, кој се покажа прилично интензивен. Меѓутоа, остануваме на располагање, практичната настава да се одржи веднаш штом се створат соодветни здраствени услови за истата. При една ваква соработка, постои и придонес и бенефит. Нашиот придонес е тоа што на учениците им овозможуваме нивно практично усовршување и запознавање со работните процеси, така што по завршување на нивното техничко образование, тие ќе бидат готови кадри“ рече генералниот директор на „Еуроникел“, Герасим Кујунџиев.
Тој потенцира дека дополнително, овие ученици добиваат можност за вработување во нивната фабрика, затоа што покрај лозарски, Кавадарци, стана и индустриски град.
„Нашиот бенефит е токму тоа што сами ги подготвуваме кадрите и ги обликуваме спрема нашите потреби, така што крајниот резултат е добитен за двете страни“ истакна Кујунџиев.
И директорот на училиштето Драги Ташев е задоволен од соработката, бидејќи учениците можат стручно да се усовршуваат./A.Д