Панов: “Успеавме во 2013 да реализираме капитални инфраструктурни проекти“
„Во годината на локалните избори и економската криза успеавме да реализираме капитални инфраструктурни проекти“ нагласува градоначалникот на општина Кавадарци, Александар Панов во новогодишното обраќање.
„Сакам да потсетам дека го решивме најгорливиот проблем на Кавадарци, а тоа е водоснабдувањето. Го изградивме системот за водоснабдување „Бунарска Река“ со дополнителни 200 литри вода во секунда. Потоа, „Скада“ системот за автоматска контрола и регулација на притисоците во градската водоводна мрежа со што Кавадарци повеќе нема рестрикции на водата за пиење“ рече Панов и додаде дека во рамки на проектите за квалитетно водоснабдување извршена е замена на азбестно-цементните со еколошки и трајни ПВЦ цевки на главниот довод во „Ниската зона“.
Панов осврнувајќи се на сработеното во годината што одминува нагласи дека целосно е реконструирано уличното осветлување со штедливи ЛЕД светилки, реализиран е проект за енергетска ефикасност, изградени се термо фасади на десет основни и средни училишта.
„Со помош на Владата, се реконструира регионалниот пат Кавадарци-Мушов гроб во должина од 16,3 км. Проширени се и ревитализирани 6 километри од локалниот пат Ладно долче-Страгово-Крњево. Извршивме доасфалтирање на патот до с. Фариш. Пробиен и проширен е патот до селото Галиште“ рече Панов.
Градоначалникот на Кавадарци посебно ја нагласува најголемата инвестиција која му се случи на Кавадарци, отворањето на фабриката Дрекслмаер каде веќе се вработени 2000 лица, со што значително се намали невработеноста во општината. Најави дека и во 2014 ќе има нови инвестиции, комунална изградба со цел подобри услови за живот на кавадарчани.
Тој упати честитки до сите граѓани по повоид новогодишните и божиќните празници со желби за добро здравје и бериќетна година./A.Д