Активистите на Црвен крст во Велес во борба против сидата
Во пресрет на светскиот ден на борба против сидата, 1 декември, Црвениот крст во Велес ја почна акцијата за едукација на младите за ризиците и последиците од оваа заразна болест. Членовите на секцијата за борба против сидата и клубот на младите при Црвениот крст ќе ги подучуваат младите како да се заштитат од смртоносната болест.
„Преку разни едукативни програми и активности се обидуваме да ја подигнеме јавната свест кај младите за ризиците и последиците од оваа смртоносна болест. Бидејќи прв пат слушаат за неа, малку потешко ги прифаќаат овие предавања, но сепак наша цел е да допреме до нив и да им објасниме првенствено како да се заштитат, рече активист на О.О. на Црвен крст Велес.
За шеснаесет години во Македонија се регистрирани 190 лица заразени од ХИВ вирусот, педесет и две од нив се ХИВ позитивни, а седумдесет и две починале. Само минатата година во земјава биле регистрирано нови 20 случаи со ХИВ вирусот.
„На светско ниво оваа бројка е многу поголема. Со ХИВ вирусот живеат 2,5 милиони луѓе, додека од оваа заразна болест досега починале 1,7 милиони луѓе, рече др. Мартин Хаџи Наумов.
Во рамките на активностите по повод денот на борбата против сидата, активистите на Црвен крст ја организираат и традиционалната Парада на светилките која ќе стартува во понеделник со почеток од 15.30 часот пред Авона.