Заедницата денеска им посвети внимание на децата со посебни потреби!
Со насмеани лица ги пречекаа денеска сите гости дечињата со посебни потреби во Дневниот центар во Кавадарци.
Овде се сместени 16 деца од сите возрасти. Беа посебно радосни што на нивното празнување по повод 3-ти декември дојдоа нивни пријатели што ги следат нивните активности и во текот на целата година. Со волонтерите на невладината „Креактив“ децата од центарот, но и дечињата згрижени во малиот групен дом реализираа креативна работилница. Еден дел од нив од гипс правеа разни фигури, а друг дел подготвуваа колачи.
„Јас направив срце од гипс. Сите сме ангажирани. Убаво е тука во дневниот центар. Дружењето е секојдневно “ ни рече едно од децата, додека со помош на волонтерите ги реализираа активностите од работилницата.
„Центарот има активности во текот на целата година. Центарот за социјални работи Кавадарци континуирано се грижи за лицата со инвалидност. Со „креактив“ имаме континуирана соработка. Посебно активностите ги засилуваме во пресрет на меѓународниот ден на лицата со посебни потреби“ рече директорката на Центарот за социјални работи , Вања Маневска. Таа нагласи дека повеќе претставници од бизнис заедницата ги подржуваат активностите на дневниот центар.
„Се трудиме да ја изразиме нивната креативносат. Да видиме како тие размислуваат и да ја поттикнеме нивната имагинација. Дечињата се многу среќни кога доаѓаме. Мислам дека таа искреност што се чувствуа од нивната страна не може да се опшише со зборови. Мислам дека и останатите граѓани треба да го почувствуваат тоа.“ рече Александара Ристова, координатор во „Креактив.
Вчера децата од посебните паралелки при ООУ „Страшо Пинџур“ и од Дневниот центар во чест на празникот 3- ти декември, имаа еднодневна екскурзија во Скопје. Ја посетија зоолошката градина, а имаа можност да погледнат полетување и слетување на авиони на скопскиот аеродром. Екскурзијата им ја обезбеди „Фени индустри“.
„Нашите активности од „Фени индустри“ се подржани во повеќе наврати. Компанија има реализирано повеќе донации за посебните паралелки но и за дневниот центар“ рече Зоран Велков, дефектолог.
Во чест на дечињата од посебните паралелки при ООУ„ Страшо Пинџур“ Кавадарци денеска пееја дечињата од фестивалот „Ластарчиња“. На дечињата со попреченост им приредија забава за убав и несекојдневен ден. Им понудија минути со смеа, песнички, заеднички игри и безброј насмевки кои сигурно ќе останат долго во сеќавањата на овие дечиња.
Од детскиот фестивал рекоа дека оваа организација ја прават со огромно задоволство за токму на овој ден да им покажат на лицата со попреченост, особено на дечињата, колку и тие се важни за општеството.
Хуманоста „Ластарчињата“ не ја заборавија ниту денеска. Освен што пунудија забава, на дечињата од посебните паралелки им врачија и подароци со кои се надеваат дека ќе им го разубават секојдневниот престој во училиштето./ А.Д