Којничани тврдат дека едвај избегнувале сообраќајки поради непрописно паркирани возила на раскрсницата на улиците “Васил Ѓоргов“ и „Орце Мартинов“
Возачи на автомобили коишто се симнуваат од серпетините на улица „Васил Ѓоргов“ се жалат дека немаат доволна прегледност за да се вклучат во сообраќајот на улица „Орце Мартинов“. Препрека им преставувале непрописно паркирани возила на самата крстосница. Дел од нив за Дума.мк рекоа дека за конец успеале да избегнат сообраќајни незгоди.
-Многу е тешко да се симнете од месноста Којник по овие две улици до вклучувањето на улица „Благој Ѓорев“ пред велешки Театар. Голем е бројот на непрописно паркирани возила како на коловозот така и на тротоарот на „Васил Ѓоргов“. При вклучувањето во сообраќајот на улица „Орце Мартинов“ ниту од горна страна, од прв Болнички дол, ниту од долна страна, од пред популарно наречената „поштарска зграда“ прегледноста сосема е затворена. Во два наврати едвај успеав да закочам по удолницата на „Васил Ѓоргов“ за да не предизвикам директен судир со возило кое според сообраќајните прописи има предност затоа што сообраќа по улица „Орце Мартинов“, рече велешанец којшто живее на Којник.
-Подолго време автомобили се паркираат долж тротоарите, под брегот од горна страна на крстосницата а и на самата крстосница иако има поставено два сообраќајни знаци коишто укажуваат дека тоа не смее да се прави. Фактичката состојба не смее да се толерира од страна на полицијата. И јас имам избегнато неколку директни судири со возила, додаде велешанец кој исто така живее на Којник.
Но тие не се единствени со став дека не смее да не се почитува поставената вертикалната сигнализација на улицата „Орце Мартинов“. Нивното мислење го делат и пешаците кои во моментот на присуство на новинарската екипа на Дума.мк беа на локацијата. Тие се жалат дека од паркираните возила до или на тротоарите мораат да се движат по коловозот а не се чуствуваат доволно безбедни.
Според Полициска станица Велес нивните службеници за безбедност на патен сообраќај вршеле редовни обиколки по улица „Васил Ѓоргов“ и доколку имало паркирани возила преземале соодветни мерки.
-Исто така, доколку има и пријава за непрописно паркирање се преземаат мерки, соопшти портпаролката Биљана Ѓаковска.
Но, фотографиите на Дума.мк покажуваат дека и покрај постапувањето на полицијата како изгледа состојбата на оваа локација во текот на предпразничната атмосвера во Велес.
Ѓаковска, одговарајќи на новинарските прашања на Дума.мк за контролата на метежот на улиците во Велес , соопшти дека Полициската станица за безбедност во сообраќајот само во месец декември санкционирала 92 возачи кои непрописно биле паркирани. Таа додаде дека за централното градско подрачје, каде што во моментов се изведуваат градежни работи, тоа што немало поставени хоризотална и вертикална сигнализација им ја отежнувала постапката на работа на сообраќајните полицајци.
-За градилиште има сообраќајно решение кое е променливо поточно зависно е од дневната работа на изведувачот. Таму доколку има пријава за паркирање, блокирано возило или блокиран влез во објект, се преземаат мерки за негово отстранување, додаде Ѓаковска.
Темата е актуелна и вирално. Велешани редовно објавуваат статуси на социјалната мрежа Фејсбук како за метежот на градските улици така и за паркирањето. Според нив ред на градскиот асфалт единствено би се создал преку обезбедување на двојно поголем број на паркинг места. Тие како единствено решение за сообраќајниот метеж ги предлагаат катните а дел од нив и подземните гаражи.
Убавка Јаневска