Левица бара од Советот на Општина Велес да го прогласи 14 март за општински празник

Познатиот историски настан, што пред 80 години, се случил во велешката Гимназија кога велешките гимназијалци организирале штрајк во борбата за национална и социјална слобода да влезе во годишниот календар на настани организирани од Општина Велес. Вака гласи барањето на советничката група на Левица во Советот на Општина Велес.
Годинава е јубилејна, за овој историски настан што се случил пред осум децении, пишува во декларацијата со која што советничката група од Советот и од градоначалникот Марко Колев, бараат достојно одбележување на настанот.
„ Почитувајќи го значењето на Штрајкот на велешките гимназијалци од 1942 година и неговата мотивирачка улога во борбата за национална и социјална слобода кај денешните генерации ученици и граѓани на Велес и државата воопшто, се задолжува Градоначалникот на Општина Велес да поведе постапка за прогласување на 14 март за празник на Општина Велес.
Имајќи го предвид значењето и големината на оваа форма на отпор заостварување на целите на македонското ослободително дело, ги повикуваме службите на Општина Велес веднаш да го инкорпорираат 14 март, денот на отпочнувањето на штрајкот на велешките гимназијалци во програмата за култура на Општина Велес. Ги повикуваме електронските медиуми во Велес, во рамките на можностите, во текот на 2022 година да интегрираат во програмата пригодни содржини со кои ќе се афирмира овој јубилеј.
Констатирајќи го високо моралниот и демократски интегритет во ставовите на велешките гимназијалци, ги повикуваме локалните институции , во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да изнајдат креативни начини за одбележување на овој важен јубилеј за Велес и за македонската држава,“ пишува советничката група на Левица.
Исто така, од Министерството за образование и наука се бара во текот на 2022 година, во согласност со надлежностите да преземат активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за текот на настаните од 14 март 1942 година во велешката гимназија и пројавата на организиран отпор против образованието на туѓ јазик наметнат од страна на бугарските окупациони власти, од Народниот Музеј во рамките на своите надлежности и можности да спроведе соодветни активности и да реализира соодветни проекти со кои ќе се зацврсти споменот на граѓаните кон изразениот непокор на велешките гимназијалци, против бугарската фашистичка админстрација во Велес 1942 година додека електронските медиуми во Велес, во рамките на можностите, во текот на јубилејната година да интегрираат во програмата пригодни содржини со кои ќе се афирмира овој јубилеј.
Убавка Јаневска
