Годинава скромно одбележување на Св. Трифун во Неготино: Сепак ќе има избор на најдобрите вина и ракија
25.01.2021
Празникот на лозарите и винарите „Св.Трифун“ годинава ќе биде одбележан скромно и со редуцирани содржини и настани, без масовни собирања, и со строго почитување на здравствените протоколи за заштита од пандемијата предизвикана од Ковид – 19.
Оваа година ќе изостане традиционалната прослава на овој голем празник за лозарите, која секоја година се одржуваше на градскиот плоштад во Неготино, а каде имаше имитација на закројување винова лоза и разна музичка содржина, проследено со дегустација на вина и ракии од повеќе винарии.
Сепак, иако оваа година ќе нема организирано прославување како минатитите години, со неколку активности, достојно и со почитување на здравствените протоколи ќе се одбележи празникот Св. Трифун.
Една од активностите ќе биде натпреварот во дегустација на вина и ракии од индивидуални производители на кој право на учество имаат сите производители кои во периодот до 10-ти февруари (среда) 2021 година ќе ги достават потребните мостри на ракија и вино произведени 2020 година. Истите можат да се достават во зградата на општина Неготино на трети спрат кај лицето Дени Трајков, а заинтересираните информации можат да добијат на тел. број 078-822-292 во периодот од 08 до 16 часот, информираат од Општина Неготино.
Пристигнатите мостри ќе бидат дегустирани и оценувани од стручна комисија од членови на Здружението на енолози, а за производителите на најквалитетни ракија и вина се предвидени награди и признанија.
Мите Јаначков