АРМ уште еднаш ја покажа подготвеноста и обученоста
АРМ денеска преку воената вежба „Македонски блесок 9“ уште еднаш покажа дека е подготвена да се спротивстави на сите можни закани, да ги извршува најкомплексните борбени дејствија и како и досега да ги задоволи сите НАТО-стандарди.
Вакви се оценките на претседателот и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Талат Џафери и началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески. Тие денеска беа на армискиот полигон во центарот за обука Пепелиште. Покрај практичната примена на тактиките и процедурите за изведување офанзивни борбени дејства припадниците на АРМ ја демонстрираа обученоста во извршувани различни гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување
– Ова е уште една потврда дека местото на АРМ е во НАТО и оти не е прашање дали, туку моментот кога Армијата ќе биде дел од Алијансата, изјави врховниот командант на вооружените сили Иванов.
Министерот за одбрана Талат Џафери нагласи дека со денешната вежба се потврдува дека МО и АРМ се подготвени целосно да ги преземат сите обврски кои произлегуваат од подготовките за членство во НАТО како полноправна членка.
Началникот на ГШ на АРМ Котески оцени дека денеска е изведена најголемата и најкомплексната вежба од страна на АРМ од нејзиното формирање, во која учествуваа сите видови армиски родови.
– Се оценуваше декларираната единица која брои 1.200 припадници со логистика од 400 други припадници на АРМ, појасни Котески и истакна дека е многу горд како началник на ГШ на АРМ од она што денеска беше прикажано.
Воено-тактичко-теренската вежба „Македонски блесок 9“ се одвиваше реално со боева муниција. Се очекува на НАТО-оценување ниво 1 од страна на НАТО-тим од Здружената команда во Неапол на Полската болница „Роу 2“./А.Д