За македонскиот лозов калем заинтересирани се албански производители!
Албански универзитетски професори, претставници на албанското министерство за земјоделство, како и земјоделци од Албанија, деновиве, дојдоа во посета на земјоделската фирма „Агро-калем“ во неготинското село Тимјаник.
Посетата беше со цел за да се запознаат со бизнисот на семејството Мојсовски, производител на сертифициран лозов калем.
Гостите биле заинтересирани за прозводството на посадочен материјал,постапката и условите кои треба да ги исполнат фирмите за да може да добијат решение да се бават со оваа дејност,потоа начинот на калемење,одгледување и користењето на заштитни средства .
Гостите од Албанија исто така се интересирале и за тоа како се врши контролата и сортната чистота на лозовиот калем, кој период од годината е најадекватен за калемење, за готовиот калем како и кој период од годината треба да се сади лозјето, кои сорти се калемат и кои од нив се најдобри за тоа.
„Нашата земјоделска компанија веќе неколку години успешно се бави со производство на лозови калеми за потребите на лозарството во земјава. Гостите од Албанија посебно се интересираат околу производството на расадот за лозовите садници но и се заинтересирани за купување на македонскиот посадочен материјал. Сакаат нашето искуство да го пренесат во сопствената земја“, рече сопственичката на „Агро-калем“, Васе Мојсовска.
Сега македонски производители наскоро ќе ја посетат Албанија, ќе разменат искуства и ќе се запознаат со тамошниот начин на производство.
Инаку за производство на домашен лозов калем и саден материјал производителите во Македонија добиваат субвенција од 25 денари за калем./Б.Н.Т