Кандидатите за пратеници на ВМРО ДПМНЕ се претставија пред велешани
На стартот на политичката кампања за предвремените парламентарни избори, двајцата кандидати за пратеници од редовите на ВМРО ДПМНЕ во Велес, Ѓорѓи Коџабашиев и Илија Димовски им се обратија на своите сограѓани. Од прес говорницата Коџабашиев истакна дека ВМРО ДПМНЕ е партија која воспоставила нови принципи и стандарди во политиката, па така пред секои избори ќе излегувала пред граѓаните со Отчет за сработеното и со новата програма за идниот мандат.
Според Коџабашиев новата програма нудела работа, сигурност и напредок, конкретни проекти со конкретни рокови и буџети. Програмата на ДПМНЕ била платформа околу која се обединила најголемата коалиција во историјата на Македонија, па освен 25 политички партии зад концептот „Реално“ застанале и девет невладини организации, здруженија на граѓани и најголемите синдикални организации во земјата.
– Ние нудиме луѓе кои до сега никогаш не биле на позиции од кој одлучувале и нанеле штета на нашите сограѓани. Ние нудиме луѓе со достоинство, чесни и искрени во своите намери. Како граѓани на Велес ни претставува особена чест и гордост што токму г-динот Илија Димовски ќе ја предводи пратеничката листа на Колацијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Изборната единица. Г-динот Димовски беше еден најдобрите и најактивни пратеници во досегашниот парламентарен состав и е човек кој има многу направено за нашиот град. Убедени сме дека со негово водство во Велес и во оваа изборна единица ќе оствариме уште една убедлива победа, рече Коџабашиев.
Кандидатот за пратеник Илија Димовски пак денеска се сретна со велешките пензионери. Пред нив даде отчет за досега сработеното но им најави и неколку клучни работи од новата програма на партијата. Доколку победат на изборите на 11 декември, Димовски вети зголемување на минималната плата од 10.500 денари на 14.000 денари, во наредните четири години и според него тоа е балансирано зголемување кое нема да создаде отпуштање од работа. Потоа Димовски вети комплетна реконструкија на патот Велес-Градско и инфраструктурен проект од Градско за Прилеп што ќе значи поврзување на Велес со Западна Македонија. Во програмата наведе Димовски било предвидено и изградба на гасификациски крак од Штип преку Свети Николе до Велес со кој ќе се овозможи ефтин енергенс за граѓаните на Велес и цела Источна Македонија. Димовски најави дека кампањата ќе ја водат преку директни контакти со граѓаните.
– Пред граѓаните ќе го понудиме нашиот концепт за идните четири години, но нашиот концепт базиран на кредибилитетот на досега сработеното. Би потенцирал дека ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за подобра Македонија е единствената политичка структура во Македонија која што досега покажа дека тоа што ќе го вети го изработува. За разлика од нас другиоте политички партии немаат таква историја, немаат такво паметење кај граѓаните, ветувале многу но ништо не исполниле. Со оглед на фактот дека третата изборна единица е посебна, огласот на граѓаните е исто така негативен на идеите за двојазичност, за менување на Устав, проширување на Охридски рамковен договор, за кантонизација на државата, рече Димовски.
Димовски рече дека намерата на ВМРО ДПМНЕ е на 11 декември референдумски да се спротивстават на сите обиди за дестабилизација на државата.
Даниела Саздова