Попов: „Вековната традиција на гимназијата, како исклучително реномирана институција, не задолжува сите нас да го чуваме нејзиниот углед“
Велес, градот лулка на македонската култура, на првиот Театар, на првата Библиотека, првото музичко училиште и првиот музеј, карактеристичен по староградската архитектура, еснафски и боемски, исто така е горд и на своите преродбеници и револуционери како и писатели и поети. Нашиот Велес е град во кој е отворена и првата Гимназија во Македонија.
„Тоа е нашата Гимназија која го носи името на безвременскиот поет, револуционер и основоположник на современата македонска литература, Коста Солев Рацин, потенцираше вчеравечер на свечената Академија „165 години гимназиско образование“ директорот Илија Попов.
-Велес од секогаш бил значаен, општествен, економски, трговски, културен и образовен центар. За да може уште повеќе да расте и да се развива, на сите полиња, напредните велешки интелектуалци, трговци и занаетчии, побарале да се формира образовна институција која ќе биде организирана по примерот на напредното Европско образование и ќе организира настава по голем број природни и општествени науки како и за изучување на странски јазици. Со таков ентузијазам во далечната 1857/58 година во Велес, со работа започнува Словенско училиште кое организирало повисоко образование од основното. Нашата Гимназија е директен наследник на ова училиште и со гордост оваа учебна година прославува 165 години од постоењето на воспитно образовната дејност. Бројка која заслужува почит, додаде Попов.
Исто така,Попов потсети дека токму велешката Гимназија низ децениите на постоење била предводник на многу образовни, прогресивни, национални и културни идеи додека особена гордост претставува фактот што токму во неа започнува образовниот процес на македонски јазик во 1945/46 година. Тогаш на мајчин, македонски јазик учеле ученици во осум класа. До денска огромен е бројот на значајни и истакнати личности од општествениот, научниот, просветниот, културниот и политичкиот живот кои своето образование го завршиле во велешката гимназија.
-Вековната традиција на гимназијата, како исклучително реномирана институција, не задолжува сите нас да го чуваме нејзиниот углед и да продолжиме и понатаму да образуваме ученици кои ќе стекнат исклучително квалитетни и трајни знаења и вештини, додаде Попов.
Свечената Академија започна со хорски изведби на македонската и химната на град Велес. Хористите на „Гимназија Кочо Рацин“ исто така ја изведа и химната на училиштето „Копачите“ на текст на патронот Кочо Рацин додека ученикот Филип Настов настапи со соло интерпретација на песната „Ленка“.
Ученици под менторство на професорите Сашко Николовски и Александра Стојановска подготвија видео запис „165 години гимназиско образование“ додека под менторство на Александра Стојановска и Магдалена Сарагинова перформанс „Горди на Рацин, горди на традицијата!“ кои беа презентирани поточно изведени на свечениот настан што вчера доцна попладне се одржа во салата „Бели Мугри“ во Велес.
Убавка Јаневска