Протест против законот за учебници во Кавадарци
Задолжително хартиените учебници да останат во употреба за сите одделенија во основното и средното образование, да се исклучи сеопфатно родово сензитивно образование во основното образование, етика на религиите да остане изборен предмет, да нема спојување на два или повеќе предмети во еден и да се образложи кратењето на фондот на часови по одредени предмети. Овие барања денеска граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ ги упати од градскиот плоштад во Кавадарци, каде се одржа мирен протест против новиот закон за учебници.
– Реформи потребни се. Вистина е дека децата се преоптоварени со непотребни информации кои се дел од учебниците, но воведувањето на целосна дигитализација и отфрлање на учебниците не се решение за напредок во образованието на нашето деца. Од една страна промовираме еднаквост, недискриминација од друга страна внесуваме сензитивни предмети, кои подлежат на не еднаквости и дискриминација. Тука има родители кои не спаѓаат во ранливите групи, но едвај врзуваат крај со крај. Дали министерката е запозната со цената на ИТ уредите. Што е со родителите кои имаат по 2- 3 или повеќе деца? Кои се тие педагози и психолози што ја одобрија оваа концепција и го отфрлија развојот на моториката преку пишување и читање, рече во своето обраќање на протестот Весна Трајкова од граѓанската иницијатива.
Истите барања денеска беа упатени и од протестот кој се одржа во Демир Капија.
Ангел Данов