Прва обука за деца со дијабет на воспитувачките и негувателките во велешката градинка „Димче Мирчев“
Децата со дијабетес во ништо не се разликуваат од останатите деца. Само нивната здравствена состојба бара малку поголема посветеност и контрола, рече на денешната, прва, обука пред дел од воспитувачките, негувателките и стручниот персонал во велешката градинка „Димче Мирчев“ едукаторката Наташа Деспотовска Димитриевска, серифициран едукатор за дијабетес.
Таа е и претседателка на Асоцијацијата на детски дијабет на Македонија „Баланс МК“. Според Деспотовска Димитриевска, мајка на дете со дијабет, ова е прва обука на вработени во детска градинка во Велес и во државата откако претходно, пред неколку години, со поддршка на локалното граѓанско здружение „Шеќерче“ се реализираше обука за наставниците во основните училишта. И на денешната, велешкото дијабетско граѓанско здружение, беше присутно и помогна во изборот на обучувачите за потребите на вработените во велешката градинка.
Обучувачката Деспотовска Димитриевска, денеска, ги храбреше воспитувачките и негувателките во градинката за воопшто да не се плашат доколку работат со деца со дијабет. Особено внимание посвети на медицинските помагалата и на инсулинот кои децата ги користат, потоа на глукометарите, појаснувајќи како децата со помош на апаратот сензор всушност сами мерат гликемија поточно носејќи го во секој момент се прикажани вреностите на шекер во нивната крв.
Интерес за едукацијата во градинката покажаа и родителите на децата со дијабет. И тие посветено ги ја слушаа едукацијата. Имаа можност да споделат свои искуства и предизвици. Тие заедно со едукаторите ги мотивираа и останатите родители на деца со дијабет да не се колебаат при носењето на одлуката дали детето треба да го запишат во градинка.
По оваа прва, ќе следи и втора обука на која ќе имаат можност да присуствуваат преостанатите вработени наставнички и воспитувачки во градинката кои денеска останаа на работните места поради обврските за грижа и чување на децата.
Убавка Јаневска