Прва регионална синдикална медицинска школа, презентирана реобјавената докторска дисертација на прим д-р СЦИ Никола Стојановски
Во Велес денеска се одржа Прва регионална медицинска синдикална школа на која учество замаа 100 медицински сестри и техничари, лекари и здравствен персонал од Демир Капија, Кавадарци, Неготино и Велес. Синдикалните здравствени работници ги претставуваа Јавните здравствени установи како што се Здравствени домови, Итна медицинска помош, Општи болници во Велес, Неготино и Кавадарци, Специјална болница во Демир Капија, Болница за белодробни заболувања „Јасеново“, епидимеолошка служба на Центар за јавно здравје и сестри од Детската градинка „Димче Мирчев“ во Велес.
Школата започна со стручен дел во кој прво беа презентирани три стручни теми од исто толку здравствени работници на ЈЗУ Општа болница Велес. Пред присутните Олгица Мојсова Пепелашева дипломирана медицинска сестра и претседателка на Синдикалната организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита во ЈЗУ Општа болница Велес ја презентираше темата „ Тортиколис кај новородени на материјал од ЈЗУ Општа болница Велес – Акушерско и Детско одделение за 2021, 2022 и 2023 година“. Дипломираниот медицински техничар Ангел Драскачев ја презентираше втората тема „ Изучување на здравствената нега како научна дисциплина и нејзина имплементација“. Третата тема со наслов „Здравствен менаџмент“ ја презентираше дипломираната медицинска сестра Благојка Наневска.
Присутните здравствени работници и членови на двата синдикати, ССМ и Самостоен, исто така имаа можност да ја проследат презентацијата на штотуку реобјавената докторската дисертација на прим. д-р. СЦИ Никола Стојановски ,,Таласемии во Титовелешкиот регион“.
-Оваа докторска дисертација прим. д-р. СЦИ Никола Стојановски ја одбрани во Париз, на Клиника за детски болести во 1989 година. Дисертацијата тогаш го имаше своето прво објавување. Ментор на прим. д-р. СЦИ Никола Стојановски му беше Академик Ѓорги Ефремов. Докторската дисертација ,,Таласемии во Титовелешкиот регион“ ги опфаќа генетските заболувања на крвта поточно лепорехемоглобинопатиите – таласемија Мајор и Минор, што освен научно, народски кажано е посветена на болестите на слезенката, кои беа многу распространети, кога нашиот почитуван колега, врвен специјалист по педијатрија и директор на Болница Велес ги истражуваше и ги објави. Реобјавата на ова научно дело е посветено на 101-виот роденден на прим. д-р. СЦИ Никола Стојановски кој за жал денеска не можеше да биде присутен со нас, рече Олгица Мојсова Пепелашева дипломирана медицинска сестра и главна сестра на Детско одделение на Општа болница Велес.
Примероци од реобјавената докторската дисертација на прим. д-р. СЦИ Никола Стојановски ,,Таласемии во Титовелешкиот регион“ се подарени на сите сите Клиники и педијатриски одделенија во Македонија како и во МАНУ и во Лекарска Комора.
На првата регионална синдикална медицинска школа присуствуваа и Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија Љубиша Каранфиловски и Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов. Со нив, во вториот дел, здравствените работници и членови на синдикатите разговараа за повеќе актуелни теми и проблеми во струката со цел е да се најдат решенија.
Убавка Јаневска