Скоро двојно поголем број на семејни насилства минатата година во Општина Велес, помеѓу жртвите има и мажи и деца а две жени со психолошка поддршка се вработиле
Триесет и девет жени, минатата година, во Полициска станица на Секторот за внатрешни работи Велес, пријавиле дека биле жртви на семејно насилство. Најголем број од нив за насилник го пријавиле сопругот. Ако се анализира годишната статистика на полицијата се доаѓа до сознание дека не само жени туку жртви на семејно насилство биле и мажи како и деца. Во одговорот на новинарските прашања на Дума.мк портпаролката Билјана Ѓаковска соопшти дека минатата, во споредба со 2022 година, скоро двојно се зголемиле пријавите за оваа меѓучовечка појава кога одреден член на семејството, партнер или поранешен партнер, физички или психички се обидува да доминира врз другиот или врз децата.
-Во 2023 година, во Полициска станица Велес, пријавени се вкупно 66 семејни насилства од коишто пријавители жени се 39, пријавители мажи се 19 и пријавители деца се 8 жртви. За сите пријави за семејно насилство во Полициска станица поднесена е пријава до надлежен орган, одговори Ѓаковска.
Полицијата смета дека зголемениот број од 34 во 2022 година на 66 пријави за семејно насилство во 2023 година се должи на кампањите за јакнење на свеста на граѓаните без разлика дали нив ги реализира полицијата или граѓанските организации.
Семејното насилство според македонското законодавство е кривично дело. Полициските пријави се кривични и сите се поднесени во Основното Јавно обвинителство Велес. Јавната обвинителка Цветанка Богоевска соошти дека велешкото Обвинителство постапило по скоро сите или по 63 полициски пријави и донело исто толку јавно обвинителски одлуки.
-Од вкупниот број на јавно обвинителски одлуки со 32 решенија се отфрлени кривичните пријави, согласно член 288 од Закон за кривична постапка додека до Основен суд Велес поднесени се вкупно 31 обвиненија. Од страна на судот донесени се 24 одлуки со кои се изречени 20 алтернативни мерки, условна осуда, со коишто им е утврдена казна затвор на исто толку обвинети лива. Истовремено е определено дека затворската казна нема да се изврши доколку обвинетите за времето коешто го определил судот не сторат ново кривично дело. Донесена e и една пресуда со изречена парична казна, три решенија со кои на обвинетите им се изречени мерки на безбедност поточно задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа, додека за седум поднесени обвиненија во тек е судска постапка. Oсновното јавно обвинителство Велес води предистражна постапка за три предмети, додаде Богоевска.
И додека насилниците се соочуваат со законот, вторите, жртвите, независно дали се жени или мажи по претрпено семејно насилство имаат можност на користење на простор за живеење, Шелтер центар, во надлежност на Центар за социјални работи Велес. Исто така и на психолошка поддршка која во Велес ја обезбедува стручно лице, поточно дипломиран психолог во Советувалиште на Организација на жени на Велес. Според претседателката Мирјана Трајкова, минатата година, само две жени го искористеле Шелтер центарот како дом и тоа за краток временски период.
-Во делот на психолошката поддршка работите се подобри затоа што во Советувалиштето психологот со жртвите континуирано работи. Она што за нас е особено добар резултат е што минатата година токму со помошта на психологот две жени жртви на семејно насилство успеаја и со поддршката се осамостоија преку вработување. За жал мажите досега не користеле услуги на нашето советувалиште, додаде Трајкова.
Сепак многу чувствителен и не така едноставен е делот кога жртва на семејно насилство се деца. Од почеток до крај постапката ја води и следи тим на Центар за социјални работи Велес.
Убавка Јаневска